Секогаш кога купувате нов паметен телефон, првото нешто што ќе треба да направите кога ќе го извадите од кутијата е да ги ажурирате оперативниот систем и апликациите. Но, во Apple смислија начин како да го прескокнат тоа.
Поточно, тие развија систем кој им овозможува да ги ажурираат дури и уредите кои се уште не се отпакувани од кутијата. Станува збор за уред кој изгледа како подлога за глувче, а ќе биде достапен само во овластените продавници на Apple.
Пред уредот воопшто да излезе од продавницата, вработените ќе го стават на подлога за ажурирање, која безжично ќе го активира телефонот, ќе го инсталира ажурирањето и потоа повторно ќе го исклучи.
Ова би значело дека клиентите буквално ќе можат да ја отворат кутијата и да ја имаат најновата верзија на оперативниот систем на уредот. А за да го користат, повеќе нема да треба да прават ажурирања, туку само да го внесат својот Apple ID.
Или дека Apple ќе може да ги „поправа“ грешките во софтверот дури и пред клиентот да го преземе уредот.
Останува само сомнеж кога Apple ќе започне со оваа практика? Според информациите на американските медиуми, тоа би можело да се случи пред крајот на годината.