17 јуни, 2025
ПочетнаМАКЕДОНИЈАОпштина Аеродром го усвои деталниот урбанистички план, во Лисиче ќе се гради...

Општина Аеродром го усвои деталниот урбанистички план, во Лисиче ќе се гради дванаесеткатница

Советот на Општина Аеродром, на вчерашната седница го усвои деталниот урбанистички план за дел од населбата Лисиче.

Од општината велат дека ДУП-от предвидува изградба само на една зграда, два паркови и решава важни урбанистички и комунални прашања на граѓаните кои живеат во овој дел од општината.

„Финалната верзија на урбанистички план е изработена да го унапреди урбаното живеење и да го подобри квалитетот на живот во Аеродром и во истата се инкорпорирани забелешките и мислењата на сите засегнати страни“, велат од општината.

„Изработката на деталниот урбанистички се реализираше транспарентно и во неколку фази, со вклученост на граѓаните и експертската јавност. Дополнително, ДУП-от за дел од населбата Лисиче доби позитивно мислење од сите надлежни институции, вклучително Министерството за транспорт и врски, Министерство за животна средина, Градот Скопје и сите надлежни институции“, велат од општината.

Од СДСМ пак, велат дека спорниот ДУП за градска четврт ЈИ 09.01 за населба Лисиче вчера беше „шверцерски“ доставен до Советот на Општина Аеродром, како дополнителна точка непосредно пред почетокот на седницата.

Мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ во Совет и градоначалникот Тимчо Муцунски одлучија да ја одмолчат дискусијата и не дадоа ниту еден одговор на прашањата поставени од опозициските советници на СДСМ. Со 16 гласа ЗА и 11 ПРОТИВ беше изгласан ДУП-от за Лисиче без ниту еден изустен збор од Муцунски и советниците на ДПМНЕ. Со цел да го сокријат овој срам, видео материјалот од директниот пренос на седницата на Советот беше избришан од официјалниот YouTube канал на Општина Аеродром, велат од СДСМ.

Со усвојувањето на овој ДУП Тимчо Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ овозможија изградба на висококатница на 12 ката, на крстосницата помеѓу булеварите „Србија“ и „12-та Македонска бригада“.

“Тимчо Муцунски ја изневери довербата на жителите на Аеродром. Мандатот го започна со иницијативи за бришење на градежни маркици, а го завршува со „бетонизација“. За четири години Тимчо Муцунски не успеа да направи апсолутно ништо за изградбата на 4 нови градинки, изградбата на нова општинска зграда, нова гимназија, нов мултифункционален центар со простории за младински центар, нов спортски центар „Пирин“ во населба Лисиче, нова спортска сала во Долно Лисиче, нов кружен тек меѓу Мичурин и Стар Аеродром, музеј на МЗТ, кино сала и театарска сцена во Ново Лисиче, нов парк на 5.000 метри квадратни во Реонски Центар, стратегија за млади, завршување на сите предмети за легализација, зголемување на еднократната помош за новороденче од 8.000 на 20.000 денари и ред други неостварени ветувања од својата градоначалничка програма”, велат од СДСМ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП