Официјалните податоци велат дека од вкупниот број на вработени кој изнесува нешто над 690 илјади, повеќе од 100 илјади се на минималец. Многу мал процент од работниците заработуваат просечна или над просечна плата. За состојбата да биде уште пострашна е тоа што најголем дел и од пензионерите кои се редовна поддршка на семејствата со ниски примања се со месечни пензии пониски од минималната плата.
Минималната плата во моментов изнесува 22 500 денари, но тоа според ССМ е далеку од покривање на основните животни потреби на македонските работници. Синдикалците сметаат дека за достоинствен живот на македонскиот работник потребана е минимална плата од 27 650 денари.
„Дека ситуацијата е навистина тешка може да констатираме дека граѓаните плаќаат цени кои се далеку од реалните и кои се далеку од платите кои ги добиваат. Тоа можеби и ја поткопува сивата економија, тоа можеби доведува добар дел од работниците со минималец да работат и втора работа на црно, бидејќи податоците кои велат дека 12 отсто се невработени, ние се сомневаме, а тоа се податоци од Агенцијата за вработување. Најголем дел од луѓето кои се пријавени како социјални случаи, работат на црно бидејќи ниту со социјална помош ниту со плата може да се преживее месецот“, велат од ССМ.
Во однос на последното зголемување на платите, тоа беше многу мало во однос на растот на цените на храната и на останатите услуги кои граѓаните редовно ги користат, велат синдикалците. Од ССМ се на став дека има дејности кои навистина добија посериозно зголемување на платите, како некои дефицитерни професии, мајстори итн. Но, најголемиот дел од работниците се иселија од Македонија токму поради ниските и во некои случаи нередовната исплата на плати. Од ССМ велат дека низ годините никој од политичарите не си замина од државата, никој од големите газди не се пресели во странство, си заминаа само работниците. И ако во иднина не се продолжи со зголемување на цената на трудот со сигурнот велат дека може да кажат дека Македонија ќе остане без работници. Затоа синдикалците предлагаат минимална плата од 450 евра и не гледаат причина зошто таа да не биде прифатена. ССМ испраќа апел и до новата влада дека доколку не работат и не носат одлуки во корист на граѓаните лесно може да бидат казнети на следните избори, затоа велат дека нивниот предлог треба да биде прифатлив.
„Тоа што го бараме од новата влада, 450 евра минимална плата е издржано, барање од проста причина што веќе сите држави од регионот не поминаа. Луѓето веќе не одат во западните земји да заработат плати повисоки два или три пати повисоки од кај нас, одат во регионот. Одат во Србија, Хрватска, Словенија. Една од мерките сметаме е дека треба да се воведат поголеми конгтроли на маржите во маркетите, да не се случи такво поскапување како минатоот период и без да има одговорност дали тоа беше реално или не. Пота да се зголемуваат платите според продуктивноста и според трудот, а да не се правдаат работодавачите и властите дека македонскиот работник е непродуктивен. Напротив, низ времето е докажано дека македонскиот работник е продуктивен, вреден, а за тоа е доказ тоа што е баран во развиените држави. А за плата од 22 илјади денари не може да очекувате вие тој да гине на скелињата во градежништвото, ниту во металната индустрија, ниту во агро секторот. “ додаваат синдикалците.
Инаку, минималната синдикална кошничка ССМ ја пресметува од 2010 година, а тоа се прави со цел да се докаже дека со две минимални плати не може да се протурка месецот. Во 2011 година кога прв пат се донесе минималната плата таа изнесуваше 8 050 денари, тогаш кошничката тежеше 22 илјади денари. И тогаш две минимални плати беа недоволни за да се протурка месецот. До сега како најголем успес ако може така да се каже во однос на синдикалната заложба за подобрување на куповната моќ на граѓаните е тоа што лани една просечна и една минимална плата ја покрија потрошувачката кошничка. Но во овие 14 години никогаш две минимални плати не успеале да ја покријат минималната потрошувачка кошничка во која во главно влегуваат најосновните производи и услуги за едно четири члено семејство.
И.П