Македонското актуарско здружение (МАЗ) одбележа 20 години постоење, во Музејот на македонската борба за самостојност. Членовите на Здружението во присуство на актуари од регионот и претставници од Регулаторот на осигурителната индустрија, Националното Биро за осигурување и осигурителните компании го прославија овој јубилеј.

Здружението одбележа две децении посветеност, професионализам и придонес во развојот на актуарската професија во нашата земја. Македонското Актуарско Здружение е стручна, непрофитна организација, основана во 2004 година, чија мисија е унапредување на актуарските дисциплини, нивната практична примена и стручното усовршување и образование на актуарите.
Претседателот на МАЗ, г-ѓа Цветлана Винцензи Маркулеска даде осврт на досега постигнатото и сподели дел од идните планови на здружението. Таа им додели признанија на членовите, како и на соработниците кои во изминативе години придонеле за раст и развој на здружението.
Патот кон исполнување на својата мисија и цели во изминатите години на Здружението е испреплетен со многубројни предизвици кои се инспирација и мотивација за раст и усовршување за неговите посветени членови-волонтери.

Благодарение на компетенциите, професионалната етика, посветеноста и трудот на своите членови, Македонското Актуарско Здружение денес е препознаено и почитувано не само во Македонија, туку и на меѓународно ниво. Од 2016 година Здружението е полноправна членка на Меѓународното актуарско здружение со свои претставници во Советот и Комитетите.

