Од „Opel/Vauxhall“ сакаа да ги проверат возните карактеристики на моделот „Astra“, но во екстремни услови. За таа цел, две возила „Astrа 2.0 CDTi“ беа предмет на специјален 24-часовен брзински тест на овалната патека во Милбрук во Велика Британија.
Автомобилите со полн гас ги возеа 12 тест-возачи, кои се менуваа зад управувачот. По 24-часа, возилата поминаа 4.800km, со паузи кои траеа вкупно 22 минути, за време на промената на возачите и дополнувањето на горивото, како и промената на гумите.
Погледнете ги кадрите од патеката во Милбрук:
За време на тестот беше остварена просечна брзина од 201 km/h во обид да се постави светски рекорд за патничко дизел возило во „FIA“ класата на сериски модели со дизел мотор, во распон од 1600 дo 2000 ccm.
Официјалната потврда за рекордот се уште се очекува од страна на „FIA“, a „Opel/Vauxhall“ за време на истиот тест се обиде да собори уште неколку светски рекорди, како и шест брзински рекорди на издржливост.
Возењето на патеката во Милбрук подразбираше задолжително засилување на внатрешноста на возилото, „Corbeau“ тркачките седишта и ремените „Luke“.
Компанијата „Michelin“ ги испорача гумите „Pilot Super Sports“ од оргиналната „Astrа“. За време на тестот од безбедносни причини на секој од автомобилите по еднаш му беа заменети гумите.
Моделите „Astrа“ кои беа користени на тестот се со пет врати, а беа опремени со 2.0 литарски турбо-дизел мотор кој развива 165 ks.