17 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕвропа нема желба за трговска војна со Кина

Европа нема желба за трговска војна со Кина

Иницијативата на САД за развиените земји да се приклучат на нејзината рестриктивна трговска политика кон Кина, односно да се подигне „ѕид на противење“ кон неа, како што рече американската министерка за финансии Џенет Јелен, поради индустриските политики предводени од Пекинг, е чекор во доменот на политиката и нема многу врска со економијата.

Борбата против растечката извозна моќ на Кина е во центарот на состанокот на министрите за финансии на Г7 во Италија, откако САД минатата недела воведоа високи царини за голем број кинески извозни производи, вклучувајќи батерии за електрични возила, компјутерски чипови и медицински производи. САД не ги повикуваат своите партнери да преземат идентични мерки, но Јелен рече дека сака американските сојузници во Г7 да покажат дека стојат со Вашингтон.

Францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер рече дека е неопходно да се избегне трговска војна со Пекинг, кој е „наш економски партнер“, но Г7 треба да ги заштити своите индустриски интереси наспроти кинеските „нефер трговски практики“.

Германската економија заснована на извоз ќе има многу да загуби од ескалацијата на трговските тензии со Кина. Германскиот министер за финансии Кристијан Линднер изјави за новинарите дека „трговските војни се загуби за сите, бидејќи не можат да се добијат“.

Сепак, италијанскиот министер за економија Џанкарло Џорџети, кој претседава со собирот во Стреса во северна Италија, рече дека можеби е само прашање на време кога Европската унија ќе го следи примерот на САД во однос на царините.

„САД донесоа многу тешки одлуки и Европа веројатно ќе треба да размисли дали да го стори истото“, изјави тој за италијанската државна телевизија РАИ во петокот.

Во однос на намерата на САД да ја убедат Европската унија да заземе идентичен став кон Кина, експертите сметаат дека без разлика каква ќе биде одлуката на ЕУ, ќе има разлики меѓу европските земји.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП