26 јуни, 2024
ПочетнаКОМПАНИИТТК Банка АД Скопје по втор пат ја зголеми основната главнина преку...

ТТК Банка АД Скопје по втор пат ја зголеми основната главнина преку скрип емисија на нови акции по пат на приватна понуда

На ден 10.5.2024 година, ТТК Банка АД Скопје успешно го финализираше процесот на зголемување на основната главнина преку скрип емисија на нови акции по пат на приватна понуда. По минатогодишниот пионерски подвиг на ТТК Банка АД Скопје на македонскиот финансиски пазар, ова е второ зголемување на основната главнина со средства на Банката преку издавање обични акции, по пат на приватна понуда.

Успешната реализација е потврда за посветеноста на Банката за постигнување одржлив раст и зајакнување на нејзината финансиска отпорност.

„Со задоволство го објавуваме успешното завршување на втората скрип емисија на нови акции по пат на приватна понуда. Тоа е доказ за нашиот здрав деловен модел, стратешка визија и оперативен капацитет. Благодарни сме за довербата што ни ја дадоа акционерите и инвеститорите, препознавајќи ги можностите за раст и спроведување на долгорочниот развоен план на ТТК Банка АД Скопје. Зголемениот акционерски капитал ќе овозможи Банката да продолжи со стратешките иницијативи за раст и иновации, да ја прошири својата понуда на производи и услуги и да ја зајакне својата пазарна конкурентност“- изјави проф. д-р Драгољуб Арсовски, претседател на Управниот одбор на ТТК Банка АД Скопје.

Преку оваа емисија на акции, Банката го зголеми својот почетен капитал (основна главнина) за износ од 67.587.000 денари. Вкупниот капитал, по извршената скрип емисија на 67.587 обични акции со номинална вредност од 1.000 денари, изнесува 1.033.173.000 денари, со што дополнително се зајакна билансот на состојбата на Банката. Зголемувањето на основната главнина на Банката е запишано во Централниот регистар на РСМ на ден 9.5.2024 година, а на ден 10.5.2024 година е извршен упис во Централниот депозитар за хартии од вредност АД Скопје.

Врз основа на одлуките донесени од страна на Собранието на акционери на ТТК Банка АД Скопје, одржано на 29.3.2024 година, беше утврдено дека, за постојните акционери, исплатата на делот за распределба на дивидендата во акции ќе биде сразмерна со учеството на нивните акции во дотогашната основна главнина. За поединечни акционери кои, според висината на номиналната вредност од една акција и ограничувањата на регулаторните тела, не можат да се стекнат со акции од новата емисија, дивидендата е исплатена во паричен износ. Делот за исплата на дивиденда во паричен износ е веќе исплатен на платежните сметки на акционерите.

Акцијата на ТТК Банка АД Скопје е една од најценетите, најтргуваните и високо вреднувани акции од страна на инвеститорската јавност. Оваа втора скрип емисија на нови акции по пат на приватна понуда ја потврдува посветеноста на ТТК Банка АД Скопје кон обезбедување иновативни решенија за своите акционери, обезбедување нови можности и придобивки од нивните инвестиции во Банката на долг рок, како и создавање дополнителна вредност за нив.

ТТК Банка АД Скопје ќе продолжи континуирано да создава одржлива вредност и да обезбедува оптимални финансиски решенија за своите клиенти и заедницата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП