Словачкиот писател Јурај Цинтула, кој го застрела словачкиот премиер Роберт Фицо, вели дека го направил тоа затоа што не се согласувал со политиката на владата.
Порталот noviny.sk ја објави изјавата која во полиција ја дал Цинтула веднаш по неговото апсење. „Не се согласувам со политиката на владата. На крајот на краиштата, медиумите се ликвидираат, зошто се напаѓа РТВС, Мажак, зошто е разрешен?”, наводно изјави Цинтула.
Неколку сведоци изјавија дека атентаторот најпрвин му довикнал на Фицо: „Робо, дај ми ја раката“, а кога Фицо му пришол и му ја пружил раката, Цинтула пукал во него. Тој наводно пукал пет пати, а три куршуми го погодиле Фицо.
Порталот Aktualoty контактирал со синот на атентаторот. Тој потврди дека неговиот татко легално поседува оружје ЧЗ 9 мм. Но, тој негираше дека некогаш спомнал дека планирал напад врз Фицо.
„Немам поим што правеше татко ми, што планираше, зошто се случи ова“, рече тој. На прашањето дали татко му го мрази премиерот, тој одговори: „Ова ќе ви го кажам – не гласал за него“.
„Можеби имал краток спој, не знам. Малку е поимпулсивен, но никогаш не отишол на психијатри“, вели синот на атентаторот.
Цинтула е основач на Литературниот клуб Духа и член на Друштвото на словачки писатели. Скај њуз објави дека тој бил поранешен чувар во трговскиот центар. Во 2016 година, додека работел како обезбедување во трговски центар во Левице, бил нападнат од еден од клиентите, јавуваат словачките медиуми.
„Беше издрогиран. Почна да фрла пилиња од полиците на земја, а потоа почна да жонглира со нив“, изјави тогаш Цинтула за медиумите. Младиот човек го нападнал Цинтула, го претепал со тупаници и конечно бил совладан од полицијата. Се претпоставува дека тогаш Цинтула го добил пиштолот со кој пукал во Фицо.
Пред осум години, Цинтула објави неколку снимки наречени „Против насилството“. Во видеата тој се залагаше дека „сила треба да се покаже на собирите против алчните политичари“. Се чини дека планирал да формира политичка партија под името „Движење против насилство“.
Да потсетиме, Фицо беше застрелан по состанокот на владата во Хандлова, на околу 150 километри североисточно од Братислава. Атентатот се случил кога Фицо отишол меѓу насобраниот народ.
Според информациите, премиерот на Словачка бил застрелан со неколку истрели во градите и стомакот. Тој бил итно пренесен во болница со хеликоптер и бил опериран.