Астрономски суми за субвенции за земјоделците може да се слушнат и во ова предизборие. Се лицитира со суми кои достигнуваат речиси една и пол милијарди евра, од кои 750 до 800 милиони евра треба да бидат поделени на земјоделците во следните четири години. На овој начин политичарите не само што сакаат да ги мотивираат земјоделците повеќе да произведуваат, туку се разбира и се обидуваат да дојдат до гласовите на оние луѓе кои одамна кренале раце од земјоделството.
Во реалноста, земјоделците велат дека нивната работа, било која кога станува збор за производство, без разлика дали е полјоделство, живинарство, или сточарство, повеќе не е исплатливо да се работи. Увезената стока од странство е далеку поконкурентна од домашната и затоа се поголем е бројот на трговци – прекупци кои ги преплавуваат зелените пазари со земјоделски производи од увоз.
За следните четири години СДСМ им ветува на земјоделците дека ќе им стави на располагање 750 милиони евра субвенции од државата, со инвестиции во земјоделството би можело сумата да биде двојно повисока. Од владеачката партија потенцираат дека веќе започнале да вршат авансна исплата на субвенциите, се со цел парите, како што велат, навремено да стасаат онаму каде што е најпотребно. Од партијата велат дека работат на подмалдување на човечкиот капацитет во земјоделството. Последно, на 50 млади луѓе од сите региони од државата им биле доделени договори за финансиска поддршка за започнување на земјоделска дејност. Според информациите, од нив 22 се жени.
„Со новата програма на СДСМ за 2024 година, во новиот мандат, тутунарите покрај субвенција за откупен тутун по килограм ќе добијат и 6.000 денари по хектар обработена површина, а со тоа се стекнуваат со право од 2025 година да користат 100% од трошоците за нафта каде по хектар ќе изнесува 12.000 денари за зелена нафта. Дополнително, со новата програма на СДСМ е предвидено зголемување на сумата за субвенции во периодот од 2024 до 2028 на 750 милиони евра, тоа е за 30% зголемени субвенции, што крајно ќе придонесе и за раст на извозот до 1 милијарда и 250 милиони евра”, велат од СДСМ.
Во ова предизборие опозициската ВМРО – ДПМНЕ обвинува за злоупотреба на парите кои се даваат за земјоделците. Опозиционерите тврдат дека субвенциите се исплаќаат селективно, односно само на членови на владеачката коалиција. И ВМРО-ДПМНЕ предизборно најавува инвестиции за земјоделците и решавање на проблемите со кои долги години се соочуваат тие луѓе.
„Во период од 4 години 800 милиони евра ќе се слеат од владата кон земјоделците и земјоделието. Средствата се предвидени како доходовна поддршка на земјоделците, како субвенции, грантови и друг вид на поддршка, потоа инвестиции во диверзификација, инфраструктура и опрема. Предвидени се средства за стимулирање на осигурувањето на земјоделските поседи и посеви. Ќе се одвојат значајни средства за водоснабдување, реконструкција и изградба на системи за наводнување. Како круна на целиот систем во земјоделството ќе биде изградба на откупно дистрибутивни центри, со што ќе се реши еднаш засекогаш проблемот со откупот. Земјоделието ќе биде во врвот на приоритетите на идната влада. Тоа ќе генерира приходи за десетици илјади семејства, како и за државата“, Велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Дека земјоделството е далеку од атрактивно не само за младите туку и за граѓаните кои цел живот се занимаваат со него, покажуваат податоците за се помалку обработливи земјоделски површини кои ги обработуваат земјоделците. Од друга страна се помал е и бројот на живина и на стока која ја чуваат сточарите, бидејќи велат дека трошоците за секакво производство на земјоделски производи е многу поскапено, а во ланецот на трговија токму земјоделците ги добиваат „трошките“ а тие се и соочени со најголеми давачки во текот на еден месец. Само во текот на ланската година, вкупната вредност на извезени храна и живи животни од Македонија достигна 500 милиони евра. Безмалку за двојно повеќе во земјава биле увезени храна и домашни животни од странство, односно сумата достигна 975 милиони евра.
И.П