1 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИNestle во фокусот на голем скандал, ги дискриминира сиромашните деца

Nestle во фокусот на голем скандал, ги дискриминира сиромашните деца

Nestle, најголемата светска компанија за производи за широка потрошувачка, додава шеќер и мед во млекото и детските житарки што се продаваат во многу посиромашни земји, спротивно на меѓународните упатства насочени кон спречување на дебелината и хроничните болести, се вели во извештајот на швајцарската истражувачка организација Public Eye.

Истражувачите испратиле примероци од храна за бебиња од швајцарската мултинационална компанија, која се продава во Азија, Африка и Латинска Америка, во белгиска лабораторија за тестирање, го пренесува извештајот „Гардијан“.

Со споредување на резултатите и декларацијата на производот, тие откриле додавање на шеќер во форма на сахароза или мед во примероците од Nida, придружна марка на млечна формула наменета за доенчиња од една година и постари и Cerelac, житарка наменета за деца од шест месеци.

„Nestle мора да стави крај на овој опасен двоен стандард и да престане да додава шеќер во сите производи за деца под три години, насекаде во светот“, рече Лорен Габерел, експерт за земјоделство и исхрана на Public Eye.

Кога станува збор за главните европски пазари на Nestle, вклучително и Обединетото кралство, нема додаден шеќер во млечните формули за доенчиња. Додека некои житарки наменети за постари деца содржат додаден шеќер, нема додаден шеќер во производите наменети за бебиња меѓу шест месеци и една година.

Насоките на СЗО за европскиот регион велат дека додадениот шеќер или засладувачите не треба да се дозволуваат во храната за деца под три години.

Иако не се развиени конкретни упатства за другите региони, истражувачите тврдат дека европскиот документ останува подеднакво релевантен за другите делови на светот. Обединетото кралство препорачува децата под четири години да избегнуваат храна со додаден шеќер поради ризици како зголемување на телесната тежина и расипување на забите.

Упатствата на американската влада препорачуваат избегнување храна и пијалоци со додаден шеќер за деца на возраст под две години.

Истражувањето покажало дека нивото на шеќер во производите „Nido“ и „Cerelac“, кои се продаваат под различни имиња во светот, е дури шест грама во Сенегал и Јужна Африка, додека е утврдена најголема доза на вишок засладувач во нигерискиот примерок и изнесува 6,8 грама.

„Ние веруваме во нутритивниот квалитет на нашите производи од раното детство и даваме приоритет на употребата на висококвалитетни состојки прилагодени на растот и развојот на децата“, рече портпаролката на Nestlé.

Таа рече дека во рамките на категоријата „високо регулирана“ храна за бебиња, Nestle отсекогаш ги почитувала „локалните регулативи или меѓународните стандарди, вклучувајќи ги барањата за етикетирање и праговите за јаглени хидрати кои вклучуваат шеќери“ и ги декларирал вкупните шеќери во своите производи, вклучително и оние добиени од мед.

Варијациите во рецептите зависат од фактори вклучувајќи ги регулативите и достапноста на локалните состојки, рече портпаролката.

Компанијата го намали вкупниот износ на додадени шеќери во производите од бебешки житарки за 11 отсто ширум светот во текот на изминатата деценија, рече таа, и продолжува да го намалува. Дебелината е се поголем проблем во земјите со низок и среден приход.

Во Африка, бројот на дебели деца на возраст под пет години е зголемен за речиси 23 отсто од 2000 година, според Светската здравствена организација, а на глобално ниво повеќе од една милијарда луѓе се дебели.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП