30 април, 2024
ПочетнаТЕХНОЛОГИЈАSamsung повторно број еден во светот по продажба на мобилни телефони

Samsung повторно број еден во светот по продажба на мобилни телефони

Јужнокорејскиот технолошки гигант Samsung повторно го зазеде првото место на светската ранг листа за продажба на мобилни телефони во првиот квартал, надминувајќи го Apple, открија прелиминарните податоци на истражувачката компанија IDC.

Продажбата на мобилни телефони е зголемена во периодот од јануари до март за 8,7 отсто во однос на истиот период лани, со испорачани 289,4 милиони уреди, објави IDC.

Apple втор, Xiaomi трет

Samsung продал 60,1 милиони, а Apple 50,1 милиони мобилни телефони, проценуваат тие, што одговара на пазарните удели од 20,8 и 17,3 отсто, соодветно.

„Како што се очекуваше, закрепнувањето продолжи, а оптимизмот полека се шири меѓу водечките брендови“, рече потпретседателот на групата IDC за светска мобилност и следење на уреди за потрошувачи, Рајан Рит.

„На крајот на 2023 година, Apple се проби на првото место, но во првиот квартал Samsung се врати на позицијата водечки продавач на паметни телефони“, изјави Рит.

Кинескиот Xiaomi е на третото место, а неговите домашни конкуренти Transsion и OPPO се на четврто и петто место. Transsion работи првенствено во Африка, а во првиот квартал речиси ја удвои продажбата, според пресметките на IDC.

„Пазарот на паметни телефони излегува посилно од периодот на турбуленции во последните две години, по значителни промени“, заклучи Набила Попал од IDC, директорка на истражувачкиот тим што ја следи состојбата на светскиот пазар.

„Xiaomi силно закрепна од големите падови во изминатите две години, а Transsion ја зацврсти својата позиција меѓу првите пет компании со агресивен раст на меѓународните пазари“, додаде Попал.

Samsung и Apple продадоа помалку телефони во првиот квартал, но Самсунг се чини дека е во посилна позиција отколку што беше во изминатите квартали, истакна таа.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП