2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПоскапува Грција, ама и Охрид не е за жалење!

Поскапува Грција, ама и Охрид не е за жалење!

Со наглиот скок на цените на летните аранжмани и приватното сместување, македонските граѓани се соочуваат со значително поскапување на одморите во Грција, но и во Охрид.

Грција, традиционално омилена дестинација за летување, станува сè поскапа и недостапна за многумина.

Сопствениците на станови ширум Грција ги зголемија цените до 30% во споредба со претходната сезона.

Туристите изразуваат незадоволство поради зголемените трошоци, со цените на апартманското сместување кои се зголемени од 20 до 40%, во зависност од местото и времето на летување.

Хотелското сместување исто така е зголемено за 30%. Исто така, поскапување има и на туристичката такса, патарините и на храната во маркетите и во рестораните во Грција.

Во Охрид, пак, ситуацијата е слична, со зголемени цени на хотелското и приватното сместување.

Од Асоцијацијата на хотелиери велат дека поскапувањето се должи на високите цени на производите, енергенсите, но и повисоките плати што тие им ги даваат на работниците за да ги задржат, односно да не се доведат во ситуација да немаат работници поради големиот наплив на Македонци кои во текот на летото заминуваат на работа во Хрватска.

Оваа промена во цените значително влијае на одлуките на македонските граѓани за нивните летни одмори, па многу од нив веќе почнуваат да бараат алтернативни, поевтини опции за своите семејства, коментираат туристичките работници.

Изворите од туристичките агенции потврдуваат дека цените на „ол-инклузив“ пакетите со летови и хотелско сместување се драстично зголемени во однос на минатата сезона.

Понудата за одмкор во Кушадаси и во Хургада, како и во Шпанија и во Кипар, исто така се соочува со зголемување на цените.

Сепак, црногорското приморје останува значително поевтино за македонските граѓани.

Со оглед на овие промени, македонските граѓани се принудени да се преиспитаат и да си ги прилагодат своите планови за летен одмор, барајќи алтернативи кои ќе им овозможат да уживаат во заслужената релаксација без да ги оптоварат своите финансии.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП