30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКој и зошто ги излажа 1117 здравствени работници дека ќе добијат трајно...

Кој и зошто ги излажа 1117 здравствени работници дека ќе добијат трајно вработување?!

Нема пари за трајно вработување на над 1000 здравствени работници. Иако актуелните власти ветија дека здравствените работници кои со години работат со договор на дело ќе добијат решавање на нивниот статус, сепак за тоа не биле предвидени пари во буџетот за оваа година. Ова го објави техничката министерка за финансии од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Синдикалците од здравствениот сектор се револтирани од ваквата манипулација и најавуваат нови протести.

„Вистината на виделина“ – вака Елена Петрова дополнителната заменик министерка за финансии ја опишува голготата во која се најдоа 1117 здравствени работници на кои им беше ветено редовно вработување. Сега таа вели дека има поништување на огласот за редовно вработување во ЈЗУ “Здравствен дом на Скопје”, наменет за лицата кои се или биле ангажирани со договор на дело. Дека има поништување на огласот таа добила известување од синдикалците и вели дека ова се надоврзува на информациите кои веќе ги споделила во јавноста дека во Буџетот за 2024 година не се обезбедени средства за бруто плата за 1,117 здравствени работници.

„Ако здравствените власти и сите министри за здравство биле искрени и фер, ќе го решеле статусот на работниот однос на здравствените работници многу одамна, не оставајќи ги со години како “договорци”. Сега, на крај на политичкиот мандат, “се заглавија” во своите обиди да прикажат дека нешто прават и дека некој друг е виновен, а всушност се работи за “политичко мамење” и играње со судбината на овие лица. По распишување на изборите, итни и неодложни потреби согласно закон се решаваат во точно определени случаи со вработување на определено време, а не со договор на дело, за што доставив известување до ДКСК. На состанокот со синдикалните претставници разговаравме и за статусот на лицата кои се на приватни специјализации, усогласувањата на платите со Законот за минимална плата во јавните здравствени установи, како и изедначување на вредноста на бодот за плати на исто ниво во сите установи. Преку искрен пристап и отворен дијалог ќе се надминат сите проблеми со кои се соочуваат вработените во јавното здравство, со цел да го добијат заслуженото место во општеството“, вели дополнителната министерка за финансии Елена Петрова.

Независниот синдикат на здравството е многу револтиран поради ваквиот манипулативен однос на властите. Најголемиот број на медицински персонал кој чекаше трајно вработување работи без решен статус повеќе од 10 години. Информациите кои ги дадоа властите дека тоа ќе биде решено годинава навистина предизвика вистинска среќа кај нив, велат синдикалците, а сега тие се длабоко разочарани.

„Си играат со судбината на млади професионалци, срамно и жално е да се игра со судбината на овие луѓе, не доликува на тогашен премиер, министер да ги лаже овие луѓе дека има финансиска поддршка, а да нема. Најдобро е да има закон за трансформација, но до ден денес не се случи, Македонија продуцира кадар за надвор, во оваа инфлација да оставиш луѓе на улица – жално, тажно и болно, лага на деценијата“, вели Боби Бојчевски од Независниот синдикат на здравството.

На почетокот на февруари годинава од министерствот за здравство беше ветено дека 1117 здравстени работници ќе добијат промена на статусот, од договори на дело во постојано вработување. Сега тоа паѓа во вода. Ова е уште една потврда зошто над 200 доктори годишно го напуштаат јавното здраство. А се почести се и штрајковите и протестите на здравствените работници кои револтот решаваат да го изразат на улица или пред нивните матични здравствени домови каде работат поради очајната плата која ја добиваат, условите за работа, и останати негативни дејанија со кои се соочуваат речиси секој ден.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП