3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПросечната вредност на онлајн нарачка на македонските граѓани изнесува околу 30 евра!

Просечната вредност на онлајн нарачка на македонските граѓани изнесува околу 30 евра!

Продолжува континуираниот раст на вредноста на интернет трговијата во Македонија. Последните официјални податоци од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија покажуваат дека во 2023 година онлајн трансакциите изнесуваат 649 милиони евра што претставува зголемување за 18 проценти во однос на 2022 година. Информациите велат дека во текот на ланската година во македонските онлајн продавници се слеале 453,6 милиони евра и тоа претставува раст на приходите на годишно ниво од 15 отсто.

Податоците велат дека во структурата на вкупната вредност на направените онлајн трансaкции во 2023 година може да се забележи намалување на учеството кон домашни е-трговци од 72% во 2022 година на 70% во 2023 година, на сметка на зголемениот раст на вредноста на направените е-трансакции кон странски е-трговци. Имено, во 2023 година вкупната вредност на направени е-трансакции кон домашни е-трговци направени и од домашни и од странски купувачи изнесува 453.6 милиони евра што преставува пораст од 15.2% во однос на претходната година. Македонците во странство со платежни картички на виртуелни продажни места оствариле трансакции во вредност од 195.6 милиони евра штопреставува раст од 25.3% во однос на 2022 година.

„Во 2023 година вредноста на вкупните трансакции направени кон интернет продавниците од Македонци дома и во странство, како и од иматели на странски картички изнесува 39,929.2 милиони денари или 649.3 милиони евра, односно бележи пораст од 18% во однос на 2022 година. Притоа, вредноста на направените вкупни е-трансакции од физички лица изнесува 455.6 милиони евра и има пораст од 18.7%, додека правните лица оствариле пораст од 16.3% во однос на 2022 година. Доминира учеството на физичките лица во направените вкупни трансакции со 70.2%. Се зголемува и бројот на вкупните онлајн трансакции, но со помал интензитет на пораст односно 15.2% во однос на 2022 година. Кај правните лица бројот на реализираните вкупни е-трансакции се зголемува за 8.7%, додека кај физичките лица за 17.1% во однос на минатата година. Просечната вредност на направените онлајн трансакции во 2023 година изнесува 33.7 евра и е за 2.3% поголема од 2022 година. При тоа растот на просечната вредност е поголем кај правните лица каде што просечната трансакција се зголемува за 6.8% и изнесува 45.6 евра, додека кај физичките има минимален пораст (1.05%) и изнесува 30.3 евра“, велат од АЕТМ.

Информациите на Народната банка пак покажуваат дека во 2023 година, имало вкупно 1703 виртуелни места на продажба, што претставува зголемување од 105 нови е-продажни места или 6.5% пораст. Што се однесува до активни е-продажни места, од вкупните 75% биле активни, односно 1293 имале барем една трансакција во текот на 2023 година.

„Што се однесува до структурата на бројот на направените е-трансакции според потеклото на картичката и местото на направената трансакција кон домашните е-трговци Македонци и странци со своите картички оствариле 76% од трансакциите, додека во странство Македонците оствариле 24% од трансакциите. Тоа ни укажува на поголема просечна вредност која е направена кон странски е-трговци односно 42.9 евра. При тоа физичките лица оствариле просечна вредност по трансакција од 32.6 евра додека правните од 129 евра“, велат од АЕТМ.

Поради поголема безбедност во однос на е-трговијата, Асоцијацијата за е-трговија неодамна направи унпаредување на регистарот на е-трговци, кој пак претставува единствен регистар на онлајн продажни места кој се обновува во соработка со 5те банки кои нудат процесирање на е-трансакции. Регистарот содржи и категоризација, односно може да се прегледаат сите активни е-трговци и може да се пребаруваат е-трговците.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП