2 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАПитачите во Скопје „работат“ по добро разработена шема – ги носат со...

Питачите во Скопје „работат“ по добро разработена шема – ги носат со комбиња, секој ден во исто време

Скопската чаршија и центарот на главниот град се во сенка на луѓето-питачи, чиј број значително се зголеми во последните месеци.

Ако тргнете да прошетате низ Скопската чаршија, тогаш ќе забележите дека уште од раните утрински часови сите тие калдрмести улички се преполни со мажи, жени и деца кои бараат милостина од минувачите.

Денар разговараше со една 39-годишна жена-питач, која ја сретнавме на влезот на Скопската чаршија, а која ни откри дека живее во Гостивар и дека секое утро патува до Скопје за да питачи.

„Немам друг избор. Моите деца зависат од ова. Ако денеска не излеземе да побараме милостина, тоа значи дека ќе си легнеме со празни стомаци. За среќа, има многу добри луѓе кои ни даваат по некоја паричка. Секако, најмногу ни даваат странските туристи”, ни изјави жената.

Активист од невладиниот сектор, пак, кој сакаше да остане анонимен, ни објасни дека со комбиња секое утро некој ги разнесува питачите од другите градови во Скопје.

„Ова е организирана активност. Питачите се пренесуваат од едно место на друго, со цел да се зголеми нивниот приход. Најверојатно имаат водич кому му даваат дел од ‘заработените’ пари. Најмногу трпат децата. Нивното детство поминува на улица”, објаснува нашиот соговорник.

Тој посочува дека „работниот ден“ на питачите во Скопје секое утро започнува и завршува во исто време.

„Секое утро пристигнуваат со комбиња во центарот на главниот град околу 6 часот за да имаат доволно време за да го фатат сообраќајниот шпиц, односно кога сите одат на работа и кога на крстосниците има најголема гужва. Потоа се селат во Скопската чаршија и ги запоседнуваат тесните улички по кои најчесто се движат туристите. Околу 15 часот повторно се враќаат на крстосниците бидејќи тоа е период кога луѓето се враќаат од работа и кога повторно има гужва на улиците. И околу 17 часот доаѓаат комбињата на истото место и ги враќаат дома“, раскажува активистот.

Според податоците, околу 2.000 деца во сите градови на нашата земја секој ден поминуваат на улица барајќи милостина.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП