4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСкокнаа цените на аранжманите во Грција – ова се „first minute“ понудите...

Скокнаа цените на аранжманите во Грција – ова се „first minute“ понудите на туристички агенции

Со почетокот на новата туристичка сезона, македонските туристи се соочуваат со значително зголемување на цените на патувањата во Грција.

Според последните извештаи, цените на аранжманите за омилените дестинации на нашите туристи оваа година се зголемени и до 20 проценти.

Експертите тврдат дека ова зголемување е резултат на воведувањето на нова такса во Грција, која неизбежно влијае на крајните цени на патувањата.

Туристичките агенции веќе имаат објавено „first minute” понуди за 2024 година, кои обично важат до крајот на април, пред да се формираат нови и значително поскапи пакети за патување.

Актуелните понуди укажуваат на тоа дека пакет аранжман за Кефалонија за 10 ноќевања со авионски превоз може да се најде веќе од 575 евра по лице, додека аранжман за Лефкада на 9 јули со апартманско сместување на 10 ноќевања сега може да се обезбеди за 520 евра.

Сепак, понудите за рани резервации (крајот на мај, јуни) сè уште изгледаат примамливо, со цени кои може да се најдат и за помалку од 100 евра за 10 ноќевања со вклучен превоз.

Места како Парга, Крф, Ставрос, Тасос, Аспровалта, Неа Врасна, Неи Пори, Олимпик Бич, Паралија и Лефкада се само некои од дестинациите кои се наоѓаат во оваа поволна категорија.

Денар разговараше со вработен во позната скопска туристичка агенција, кој признава дека годинешните летни аранжмани за Грција се за нијанса поскапи од ланските.

„Секоја година се стремиме да понудиме најдобри можни услови за нашите клиенти, но мораме да признаеме дека оваа година летните аранжмани за Грција се за нијанса поскапи во споредба со ланската сезона. Ова не е нешто што е во наша контрола – зголемувањето на цените е резултат на порастот на трошоците за сместување и превоз, како и новите такси што ги воведе грчката влада. Сепак, сметаме дека квалитетот на услугата која ја нудиме останува на високо ниво и дека Грција сè уште претставува одлична вредност за парите, особено со нашите ‘first minute’ понуди”, изјави нашиот соговорник.

Додека македонските туристи се подготвуваат за летните одмори, останува да се види како овие промени ќе влијаат на туристичката сезона и дали ќе има промени во патувачките навики на граѓаните.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП