28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЧоколадо без какао, сирење без млеко, кафе без кафе – јадеме лажна...

Чоколадо без какао, сирење без млеко, кафе без кафе – јадеме лажна храна, а не сме свесни за тоа

Во ерата на лажната храна, потрошувачите се соочуваат со сè поголеми предизвици да го разликуваат вистинското од невистинското. Во последните извештаи, државните ревизори откриле дека многу производи што се нудат на пазарот не се она што всушност треба да бидат.

Од чоколади кои се всушност шеќерни табли, до сирења кои не содржат млеко, па дури и кафе кое е заменето со јачмен – потрошувачите се измамени.

Според извештаите, во Србија е утврдено дека соковите и ракијата често не се произведени од вистинско овошје, а и кафето што многумина го пијат можеби и не е вистинско кафе. Оваа проблематика не е изолирана само во Србија, туку таа е глобален проблем кој ги засега и потрошувачите во Македонија.

Експертите забележуваат дека квалитетот на храната се влошува секаде во светот под изговор на разни кризи и заради максимизација на профитот.

Во Македонија, слични случаи на лажна храна предизвикуваат загриженост меѓу потрошувачите, кои сè повеќе се обидуваат да најдат начини да ги заштитат своите права и здравје.

„Со оглед на тоа што бројот на инциденти се зголемува од година во година, потребно е да се преземат конкретни чекори за да се спречи овој негативен тренд. Во Македонија, потребно е да се засили контролата на храната и да се обезбеди потврда дека потрошувачите добиваат точни и веродостојни информации за производите што ги купуваат. Само така можеме да се бориме против ерата на лажната храна и да бидеме сигурни дека она што го јадеме и пиеме е вистинско и безбедно“, коментираат познавачите.

Во рамките на истражувањето за лажната храна, екипата на Денар разговараше со Марко Илковски од Скопе, кој сподели свое искуство со инстант-кафето.

„Неодамна забележав дека инстант-кафето што го купувам и го пијам со години, всушност содржи само 2% вистинско кафе. Останатиот најголем дел е јачмен. Секој ден го започнувам со шолја кафе, мислејќи дека го пијам вистинското нешто. Тоа кафе го купувам скоро три години и секогаш плаќам околу 350 денари. Сега сфатив дека сум бил измамен“, вели нашиот соговорник.

Затоа, пред да го ставите производот во кошничката, добро прочитајте ја содржината на пакувањето.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП