3 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАВнимавајте во кое такси ќе се качите, може скапо да ве чини...

Внимавајте во кое такси ќе се качите, може скапо да ве чини – се намножија дивите таксисти во Скопје

Во последно време, проблемот со дивите таксисти во Скопје станува сè поголем. Граѓаните, туристите и посетителите на главниот град се соочуваат со нереално високи цени за превоз, кои не се во согласност со таксиметарот, туку се базирани на апликации од мобилни телефони.

Ана Милосавлевиќ, 28-годишна девојка од Центар ни раскажа лошо искуство со див таксист во Скопје.

Таа се качила во такси кај трговскиот центар „Ист гејт“ и побарала да биде одвезена до Соборниот храм. Таксистот, раскажува Ана, не изустил ниту збор за време на целото патување, а не го вклучил ни таксиметарот.

„Кога пристигнавме до крајната дестинација, тој ми побара да платам 900 денари. Јас се збунив, мислев дека се зафркава. И уште еднаш го прашав да ми каже колку треба да платам. Но, тој беше сериозен и повторно ми рече: 900 денари. Тогаш го извади мобилниот телефон, вклучи некаква апликација и ми приложи дека сум должна 900 денари. Го прашав дали има таксиметар, а тој ми рече дека телефонската апликација е таксиметар. Знаев дека лажеше, но ме фати страв и му дадов пари. Оттогаш многу внимавам во кое такси се качувам“, ни раскажа девојката.

Дивите таксисти најчесто се насочени кон странците, кои се магнет за брза и нереална заработка. Многумина од нив мислат дека странците не ги разбираат парите и затоа се обидуваат да им наплатат големи суми.

Но, очигледно, нелегалниот такси-превоз го уништува угледот на Скопје како главен град и на државата во целост. Дивите таксисти не се лиценцирани и не се подложни на контрола. Ова може да доведе до безбедносни ризици за патниците.

За да се решат овие проблеми, коментираат експертите за безбедност во сообраќајот, потребно е да се засилат контролите и да се преземат мерки против дивите таксисти.

„Само така можеме да го подобриме превозот во Скопје и да го заштитиме интересот на граѓаните и на туристите“, порачуваат познавачите.

Во однос на тоа како се справуваат градските власти со проблемот со дивите таксисти, надлежните брифираат дека нивните инспектори се постојано излезени на терен и ги „ловат“ возилата без лиценца.

Во однос на сузбивањето на т.н. диви таксисти, инспекторите за патен сообраќај вршат редовни контроли и инспекции за тоа дали такси-превозниците се придржуваат до одредбите и до правилата во согласност со одлуката за автотакси-превоз на патници на подрачјето на главниот град – брифираат од Град Скопје.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП