Директорката за маркетинг и односи со јавност во Стопанска банка АД – Скопје, Ратка Тирицовска, ја доби престижната награда ПРО ПР Глоуб (PRO PR Globe Awards) за 2023 година, која се доделува на истакнати професионалци во областа на односите со јавност кои оствариле значителни резултати во својата работа. Таа ја доби наградата како резултат на нејзината вклученост во корпоративната комуникација на Стопанска банка како еден од најзначајните македонски брендови, но и за координирањето и спроведувањето на различните општествено одговорни проекти кои Банката ги спроведува на годишно ниво, со кои го зајакнува брендот и поврзаноста со заедницата.

Наградата на Тирицовска ѝ беше врачена на ПРО ПР конференцијата што се одржа во хотелот „Мона плаза“ во Белград, која на едно место ги собра сите 30 добитници на оваа награда од 15 земји во светот. Добитниците на наградата ПРО ПР Глоуб се номинирани од поранешни добитници на ова признание, како и од поранешни добитници кои се членови на четирите светски асоцијации за комуникации: Асоцијација за односи со јавност и комуникации (PRCA), Меѓународна асоцијација за односи со јавност (IPRA), Меѓународна организација за комуникациски консалтинг (ICCO) и Овластен институт за односи со јавност (CIPR).


