2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЛуѓето си ги бараат парите - хаосот со пасошите им создаде огромни...

Луѓето си ги бараат парите – хаосот со пасошите им создаде огромни загуби на туристичките агенции

Хаосот со промената на личните документи, особено пасошите, им предизвика хаос и на туристичките агенции во земјава, кои се соочуваат со низа откажувања на резервации од страна на граѓаните кои не успеале навреме да го добијат новиот пасош со новото уставно име на државата.

Сопственик на туристичка агенција од Скопје вели дека голем дел од клиентите имаат проблем со изработката на пасошите, а ваквата ситуација негативно влијае врз бизнисот на туристичките агенции.

„Доаѓаат луѓето и нè молат да ги откажат уплатените аранжмани и да им ги вратиме парите, бидејќи не успеале навреме да го подигнат новиот пасош. Што да правиме ние? Голем удар претрпевме за празникот на жената Осми март, кога голем број жени ги откажаа уплатените аранжмани и побараа од нас да им ги вратиме парите. Многу губиме. Освен тоа што ни се менуваат плановите, губиме и пари. Крајно негативно влијае врз нашиот бизнис и ни создава несигурност и големи проблеми“, објаснува сопственикот на туристичката агенција.

Во ваквата необична ситуација со откажување аранжмани тој гледа сличност со периодот на пандемијата со коронавирусот.

„Чудно е, како да се враќаме во 2021 година во времето на короната. Нашите патници се фотографирале за пасош во јануари и веднаш потоа уплатиле за аранжман во март. Нормално е да очекуваш дека пасошот ќе ти биде готов во март ако се фотографираш во јануари, но ете, постојат изненадувања. Се соочуваме со сериозни проблеми, но и финансиски загуби“, коментира нашиот соговорник.

Денар разговараше со скопјанката Сузе Митровска која морала да го откаже планираното патување во Грција за Осми март, бидејќи пасошот не ѝ бил готов дури и по 45 дена откако се фотографирала.

„За пасош се сликав уште во јануари, во најголемата гужва. Но, пасошот сè уште не ми е изработен. Затоа пропадна моето планирано патување за Осмки март во Грција. Нервозна сум, фрустрирана. Ги молев вработените во туристичката агенција да ми ги вратат парите, но не сакаа да го сторат тоа. Ми рекоа дека договорот е потпишан и дека мој проблем е тоа што немам пасош. Но, сепак, некако ги убедив да ми дадат друг сличен аранжман во јуни, колку да си ги спасам вложените пари“, објаснува Митровска.

Хаосот со личните документи се одразува на туристичката индустрија и на самите патници, кои се принудени да ги менуваат плановите за патување поради бавната изработка на патните исправи.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП