4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОткупувачите си играат мајтап со земјоделците, а тоа ќе ни се удри...

Откупувачите си играат мајтап со земјоделците, а тоа ќе ни се удри од глава на сите?!

Земјоделците во Македонија, особено оризопроизводителите се во многу тешка позиција, велат експертите за земјоделство и објаснуваат дека откупувачите буквално ги уценуваат и им ги откупуваат производите по многу ниска цена.

А земјоделците, пак, мораат да ги продаваат своите производи по ниски цени, затоа што им се ограничуваат финансиските можности за инвестирање во зголемување и модернизација на производството.

Оризопроизводителите не го кријат своето незадоволство.

„Погледнете ги цените на оризот во продавниците и во маркетите. Нема да најдете ориз поевтин од 100 денари, а истиот тој ориз ние им го продаваме за едвај 35 денари за килограм. А не е само оризот во прашање. Слични разлики има и кај другите земјоделски производи како пиперките, краставиците, кромидот. Ова вака веќе не може. Откупувачите имаат најголема заработка, иако нормално би било најголема заработка да имаме ние кои го произведуваме производот. Не е фер. Ние сме во подредена ситуација. Ние ги обработуваме нивите, се грижиме за растенијата, а откупувачите само бројагт пари. Треба да се цени нашиот труд, ама никој не го интересира тоа“, ни изјави Горанчо Стоилов, земјоделец од Кочани.

Денар на оваа тема разговараше и со земјоделски експерти кои застануваат од страната на оризопроиводителите и им порачуваат на откупувачите да престанат со уцените.

„Земјоделците се целосно во право, тие се притиснати до ѕид. Откупувачите навистина претеруваат. Не сакаат да вложат и да го ценат трудот на оризопроизводителите, а убаво им е кога ќе го бројат приходот од препродажбата. Вака само се зголемува револтот кај земјоделците, а проблемот со револтот е во тоа што на луѓето им се смачува од неправдата и почнуваат да се откажуваат од земјоделството. Знаете ли колку празни и необработени ниви има во последниве години? Сте ги прашале сопствениците зошто се откажале од садење? Ако не сте ги прашале вие, тогаш ние сме ги прашале. Се откажуваат поради неправдата и неисплатливоста. Никој не сака да работи по цели денови на нива, да вложува, да се пече на сонцето, за на крај да продаде килограм ориз за 35 денари, кој подоцна ќе го види на сталажа во маркет како се продава по цена од 110 денари. Срамота е, навистина е срамота тоа што го прават откупувачите“, коментира експерт за земјоделство.

Статистиката од минатата година покажува дека откупната цена на доматите била од 25 до 40 денари, додека на пазарите се продавале од 95 до 140 денари за килограм. Откупната цена на пиперките на големо била од 25 до 45 денари, додека на пазарите се продавала од 85 до 170 ден.

Цените на краставиците на големо била од 20 до 45 денари, а на пазарите се продавале од 97 до 130 денари за килограм. Лубениците на големо се продавале од 14 до 35 денари за килограм, додека на пазарите по 60 денари за килограм. Дињите на големо се продавале од 10 до 40 денари за килограм, а на скопските пазари од 80 до 100 денари.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП