9 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАДивите продавачи повторно се вратија, пазарџиите бараат помош од државата

Дивите продавачи повторно се вратија, пазарџиите бараат помош од државата

Дивите продавачи на овошје, зеленчук и ѓубрива повторно ги паркираа своите камиони и трактори покрај пазарите, узурпирајќи дел од паркинг просторот.

Оваа практика стана обичај, а скопјани се жалат дека им е отежнато движењето поради камионите и вреќите со производи кои се истоварени на улиците, тротоарите или директно на велосипедските патеки.

Жител на населбата Влае, кој сакаше да остане анонимен, го изрази своето незадоволство од ваквата појава:

„Велосипедската патека кај пазарот во Ѓорче Петров е постојано блокирана од дивите продавачи. Ние, граѓаните, се соочуваме со ограничено движење и ризик од судари поради овие нелегални паркирања. Неколкупати се обидов да разговарам со нив и да им укажам дека тоа што го прават не е исправно, но тие се арогантни и не сакаат да слушаат”, се жали нашиот соговорник.

Пазарџиите, пак, кои редовно плаќаат паушали и даноци, се соочуваат со нелојална конкуренција.
Еден од нив, кој поседува тезга со зеленчук на пазарот во Ѓорче Петров изјави:

„Имам тезга на пазарот, но се борам со дивите продавачи коишто нелегално се паркираат само неколку метри надвор од пазарот. Ова е неправедно кон нас, бидејќи ние плаќаме за изнајмувањето тезга, а тие продаваат зеленчук и овошје без никаков паушал, по пониска цена. Владата треба да преземе конкретни мерки за решавање на овој проблем. Дивите продавачи треба да се контролираат“, порачува пазарџијата.

Инспекторатот на Град Скопје во соработка со инспекциските служби на Државниот пазарен инспекторат и со асистенција од Министерството за внатрешни работи (МВР) пред некое време спроведоа акција за ослободување на јавниот простор што беше узурпиран од дивите продавачи.
За многу кратко време дивите продавачи беа расчистени, а јавниот простор ослободен за непречено движење на пешаците и на велосипедистите.

„Град Скопје нема да го толерира узурпирањето на јавниот простор од групи и поединци, особено ако станува збор за простор наменет за слободно движење на граѓаните. Ќе продолжиме да дејствуваме во насока на спречување на оваа појава во согласност со своите законски надлежности и ингеренции“, информираа тогаш градските власти.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП