22 април, 2025
ПочетнаМАКЕДОНИЈАЌе тргне ли Македонија по стапките на Србија – кој вози електричен...

Ќе тргне ли Македонија по стапките на Србија – кој вози електричен тротинет, нека му ја мисли!

Во Србија, лесните електрични возила, вклучувајќи ги електричните скутери, тротинети и велосипеди, ќе мора да се регистрираат најдоцна до 5 април годинава. Кој нема да го стори тоа, ќе си плати „солена“ казна.

Оваа мерка има за цел да ја подобри безбедноста и контролата на овие возила на патиштата.
Возачите на тротинети ќе треба да поседуваат налепница за регистрација, која ќе ги идентификува како законски регистрирани.

Експертите за сообраќај во Македонија предвидуваат дека истата мерка наскоро ќе биде спроведена и кај нас.

„Сите луѓе кои поседуваат електрични тротинети ќе бидат принудени да ги регистрираат своите возила и да набават налепница. Ова ќе помогне во контролата на возилата и ќе гарантира безбедност на учесниците во сообраќајот“, коментираат експертите.

Сопственик на електричен тротинет, кој дневно поминува во просек 30 километри, изразува поддршка кон оваа мерка.

Тој смета дека регистрацијата е практична и корисна, но исто така се жали на недостатокот на сообраќајна инфраструктура и култура во главниот град.

„Високите тротоари, дупките на улиците и недоволната сообраќајна култура кај возачите на моторни возила го прават возењето на тротинет незгодно. Не е проблем да се воведе регистрација на електричните тротинети и велосипеди, ама мора да се направи нешто и за возврат. Не бараме многу. Сакаме само да бидеме безбедни и почитувани во сообраќајот“, ни изјави Христијан Поповски од Аеродром.

Тој бара од властите да спроведат кампањи за подобрување на инфраструктурата и да воведат казни за прекршителите на законите.

„Само со современа и безбедна инфраструктура можеме да го подобриме искуството на возачите на електрични тротинети и да го зголемиме нивниот придонес за одржлив сообраќај“, вели тој.

Инаку, лесните електрични возила, кои вклучуваат електрични скутери и велосипеди, во Србија ќе мора да се регистрираат од 5 април, а во сообраќајот на патиштата ќе можат да учествуваат само лесни електрични возила со налепница согласно одредбите од овој правилник.

Како што е наведено во Регулативата, во сообраќајот ќе можат да учествуваат само возилата со оваа налепница. Како краен рок е наведен 15 јуни, по што ќе почне казнувањето.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП