28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНа стопанството му недостасуваат над 8.500 работници!

На стопанството му недостасуваат над 8.500 работници!

Трката по квалификуван работен кадар во државава не запира, а официјалните податоци велат дека на пазарот на труд во Македонија недостасуваат во моментов над 8500 работници. Ваквата состојба уште еднаш потврдува дека работната сила си заминува од земјава. Проблематично е тоа што и пред да почне летната сезона во која пред се младите заминуваат во државите од регионот и работат некоја сезонска дејност, најголем дел од слободните работни места во Македонија се токму во услужните дејности и трговијата.

Податоците на Агенцијата за вработување покажуваат дека 8 524 лица денеска се потребни на приватниот сектор. Толку работници недостасуваат во македонското стопанство. Во делот каде што компаниите ги објавуваат своите огласи за потребата на работен кадар може да се забележи дека се потребни од општи работници, обезбедувачи, дистрибутери, продавачи, па се до лица на раководни места во компании, инжењери, и останати струки кои важат за солидно платени дејности. Се разбира, во моментов и натаму угостителите, и останатите услужни дејности најмногу кубурат со работен кадар.

Во програмата за намалување на невработениста на владата стои дека државата преку најразлични мерки се обидува да вклучи што повеќе млади лица на пазарот на труд, но и со државна помош владата нуди средства за самовработување односно отворање на сопствен бизис на млади преприемачи.

Доколку ги споредиме последните податоци за состојбата на пазарот на труд кои ги објавува Државниот завод за статистика може да се забележи дека во последниот квартал лани имало 9 519 слободни работни места. Тоа значи дека за овие неколку месеци биле пополнети речиси 1000 работни позиции во стопанството.

Податоците велат дека најголема потреба освен угостителството има и преработувачката индустрија, каде се уште недостасуваат над 2 000 работници. Во секторот трговија на големо и мало се потребни над 1500 работници, во градежните фирми недостасуваат речиси 1000 градежни работници. Во однос на големината на фирмите, големите индустриски капацитети имаат најголема потреба од нов кадар, односно во компаниите со број на вработени повеќе од 250 недостасуваат над 3 000 работници, нешто над 2 000 работници се потребни на компаниите кои имаат од 50 до 249 работници, но слична е состојбата и кај фирмите кои имаат од 10 до 49 работници, кај малите правни субјекти односно од три до девет вработени недостасуваат околу 1 500 нови работници.

Што се однесува по региони, очекувано во Скопскиот регион има најмогу слободни работни места или речиси 5 000, следува Пелагоноскиот со близу 1 500 слободни работни места, Вардарскиот регион има потгреба од нови 800 работници за стотина помалку источниот дел од земјава. Во останатите делови од Македонија потребата за работна сила изнесува по неколку стотини работници.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП