2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНа секоја втора контрола на УЈП лани констатирано е затајување на данок!

На секоја втора контрола на УЈП лани констатирано е затајување на данок!

Проблемот со сивата економија е далеку поголем од она што во јавноста се претставува. Полека на виделина излегуваат сите проблеми со кои се соочува државата борејќи се со непочитувачите на законите. Стопанството ја губи битката со нелојалната конкуренција, а несовесните бизнисмени се богатат на грбот на целото општество.

Податоците до кои дојде Денар се поразителни во однос на моралните и етичките врдности на денешните стопанственици. Секоја втора инспекциска контола на Управата за јавни приходи во компании утврдила дека има неправилности со плаќањето на одреден данок. И по повеќе од две децении фискализација во Македонија, се уште дел од трговците не само што не издаваат фискални сметки, туку некои и не ни набавиле фискален апарат, односно работат на црно.

Во текот на целата 2023 година, УЈП изврши  2 580 контроли по основ на сите видови даноци, со утврдени неправилности се 1 281 контроли односно 49.65%, а без утврдени неправилности се 1 299 контроли или 50.35%.

Податоците на УЈП велат дека со контролите на даноци и придонеси опфатени биле  даночни обврзници од дејностите: товарен патен транспорт, изградба на станбени и нестанбени згради, трговија на мало во неспецијализирани продавници, ресторани и останати објекти за подготовка и послужуваье на храна, завршни занаетчиски работи, трговија на големо со храна и овошје, патнички транспорт, производство облека, неспецијализирана трговија на големо, трговија со нафта и нафтени деривати.

Исто така во текот на 2023 година, УЈП има извршени и 4 257 контроли на фискален систем и опрема од кои 2 255 се со констатирана неправилност. Најчести констатирани неправилности при овој вид на контроли се однесуваат на: неиздавање фискални сметки за извршениот промет на добра, немање закуп и не регистрирање резервна фискална апаратура, не водење книга за дневни финансиски извештаи, не било воведено и користено одобрен фискален систем на опрема за регистрирање на готовинските плаќања, не издавање парагон блок за извршениот промет на добра, односно на услуга, не прикажување промет од македонски производи, не ги чува и одржува во исправна состојба фискалните апарати.

Од УЈП велат дека неформалната економија е сложен феномен и појава со која не се соочуваме само ние, туку и  економски поразвиените земји.

„Неформалноста има мултидимензионална позадина, причини, форма и ефекти и како таква претставува стратешки приоритет на Владата и во таа насока донесена е Стратегија за формализација на неформалната економија изготвен е и Акционен план со активности кои се насочени конкретно кон формализација на он-лине трговијата и намалување на сивата економија. Носители на акцискиот план е Министерството за финансии, а во реализацијата на активностите се вклучени повеќе институции кои заеднички, секоја во рамките на своите надлежности користи различни стратегии и политики за нејзино сузбивање, детекција, превенција и спречување.  Управата за јавни приходи, континуирано соработува не само со институции во државата, туку и со земјите од регионот се со цел заеднички да ја спречиме, намалиме сивата економија и да придонесеме односно ги поттикнеме дел од неформалните бизниси да се формализираат вклучително и онлајн продажбата“, велат за Денар од УЈП.

Согласно Законот за регистрирање на готовински плаќања, даночните обврзници кои вршат промет на добра и промет на услуги, за кој плаќањето не се извршува по банкарски пат должни се да воведат и користат одобрен фискален систем и задолжително да издаваат фискална сметка за извршениот промет односно услугата. Управата за јавни приходи преку своите инспектори и контролори врши контрола над спроведувањето и примената на одредбите од овој закон. Официјалните податоци велат дека лани Управата за јавни приходи извршила  2 580 контроли по основ на даноци  и 5 320 други контроли како фискален систем на опрема, исполнетост на ТТУ услови, од кои 4,257 контроли се за фискален систем на опрема.

„Доколку инспекторите или контролорите на УЈП во текот на извршувањето на контролите утврдат дека се врши промет од страна на нерегистриран субјект веднаш доставува известување до органите на државната управа надлежни за работите на инспекциски надзор. Во оваа насока Управата за јавни приходи во текот на 2023 година до Инспекцискиот совет има доставено 42 известувања за вршење на нерегистрирана дејност. По однос на фирми кои вршат онлајн продажба, а за истото не се регистрирани во соодветен регистар во одредена правна форма, се применуваат одредбите од Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност со кој се регулираат: видовите/облиците на нерегистрирано вршење на дејност, надлежни инспекторати за вршење на контрола, управни мерки кои ги преземаат инспекторатите при вршење на надзор (донесување на решение за забрана за вршење на дејност во кое се одредува рокот за регистрација на лицето во надлежен регистар), како и изрекување на глоби за идентификувана нерегистрирана дејност“, додаваат од УЈП.

Жалосно е тоа што овие неплаќачи на данок никогаш нема да разберат дека поради нивните постапки се собираат помалку пари во државната каса. А тоа е една од причините што возиме по вакви лоши и дотраени патишта низ земјава, поради тоа здравствените домови ни изгледаат како во 19ти век, затоа не се градат нови училишта за децата. За да се реализираат вакви капитални проекти најчесто државата се задолжува, а тие пари ги враќаме сите ние – со висока камата!

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП