3 мај, 2024
ПочетнаСВЕТWWF: Популацијата на диви видови се намали за 69 отсто во изминатите...

WWF: Популацијата на диви видови се намали за 69 отсто во изминатите 50 години

По повод Светскиот ден на дивиот свет, World Wildlife Fund(WWF) денеска објави дека популацијата на диви видови е намалена за 69 отсто во последните 50 години и дека единствено решение е сеопфатна акција за запирање на уништувањето на природата и нејзино зачувување.

WWF, како што соопштија, на овој ден ја нагласува важноста од зачувување на сите диви видови на планетата – од растенија, преку печурки, риби, водоземци, влекачи па се до цицачи.

„Сите тие се една алка во синџирот на природна рамнотежа, а со исчезнувањето на само една алка го нарушуваме целиот екосистем на планетата. Токму затоа загрижувачки се податоците од последниот извештај на WWF за состојбата на планетата, кој покажува дека популацијата на дивите видови се намалила за 69 отсто во последните 50 години. Тоа е период пократок од животниот век на просечен човек“, велат од WWF.

Најзначајните причини за исчезнувањето на дивите видови се проширувањето на земјоделството и урбаниот развој, уништувањето на шумите, прекумерниот риболов, употребата на неодржливи извори на енергија и загадувањето на морето, водата и копното, што потоа доведува до исчезнување на живеалиштата на дивината, видови и вода, но и на климатската криза.

Историска можност за враќање на природата во Европа

Од организацијата велат дека го поздравуваат усвојувањето на Законот за обнова на природата на Европската унија, кој ги обврзува земјите-членки да ги обноват оштетените екосистеми и да придонесат за постигнување на целите на ЕУ за климата и биолошката разновидност.

Законот претставува историска можност за враќање на природата во Европа и овозможување побезбедна и поздрава иднина за граѓаните, поради што се надеваме дека земјите-членки и формално ќе го одобрат, се вели во соопштението.

Светската организација за заштита на животната средина (WWF) е една од најголемите независни организации кои се занимаваат со заштита на природата и има активна глобална мрежа во повеќе од 100 земји.

Мисијата на WWF е да го запре уништувањето на животната средина и да создаде иднина во која луѓето ќе живеат во хармонија со природата, преку зачувување на биолошката разновидност во светот, одржливо користење на природните ресурси и намалување на загадувањето и прекумерната потрошувачка.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП