3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОд денеска во Македонија повторно има пазарна економија!

Од денеска во Македонија повторно има пазарна економија!

Гарантираните цени заминаа во историјата. Од денеска трговците немаат обврска да продаваат прехранбени производи по цени кои ги лимитираше државата. Повторно во земјава во целост има пазарна економија што значи дека бизнисот ќе ја одредува цената на своите производи. Но, доколку државните инспектори утврдат дека има неоправдано и тоа енормно зголемување на цените на храната ќе се изрекуваат и соодветни санкции. Ова не е закана од властите туку само предупредување до дел од несовесните трговци кои неколку пати во текот на овие кризи се обидоа да се збогатат на грбот на граѓаните.

Трговците од утрово ги тргнаа ознаките на производите под кои стоеше „Гарангтирана цена“.

Мерката заврши со последниот ден од минатиот месец. Тоа значи дека околу 1600 производи од денеска ќе имаат нова цена. Опфатени со оваа мерка не беа само основните прехранбени производи, туку на листата имаше и производи од млечната, месната пекарската индустрија, како и тестенини, кондиторски производи, безалкохолни пијалаци и пиво. Ставот на властите е дека мерката даде резултат во борбата против високата инфлација, но граѓаните секојдневно повторуваат дека не почувствуваа подобрување на нивната куповна моќ.

Сега се очекува што поскоро да се донесе долго најавуваниот закон за нефер трговски практики кој треба да биде гаранција дека нов ценовен шок нема да се случи. Но засега нема најава кога ќе биде ставен на второ читање ова законско решение за кое треба допрва да се дебатираат амандманите на опозицијата. Според ВМРО ДПМНЕ предлог законот ќе треба да претрпи мали измени.

„Прашањето на ВМРО-ДПМНЕ е дали сите производи може да ги ставиме по 10 проценти рабат, како што стои во законот, затоа што има многу различни производи. Едни производи имаат многу повеќе директни трошоци во синџирот на снабдување, а други помалку. Бараме и промена во делот каде што се дозволува трговецотг да даде крајна цена и да ги образложи трошоците кои ќе настанат за тој производ да се најде во понатамошна фаза. Сметаме дека таква крајна цена може да биде дескутабилно“, велат од опозициската партија.

Во меѓувреме инспектори од Државниот пазарен инспекторат помогнати од колегите и од трудовиот инспекторат се на терен и вршат контоли како во поголемите ланци на маркети, така и во помалите продавници низ државата.

„Оној кој ќе применува нечесни трговски практики и ќе ги прекрши законите, ќе биде санкциониран, а во зависност од сторениот прекршок, заклучно со денес, постои можност и за затворање на објекти за вршење дејност на определен временски период. Пазарниот инспекторат беше на ниво на својата задача и не дозволивме никој да применува нечесни трговски практики и да не ги почитува антикризните мерки. Апелираме до трговците на мало, но и до трговците на големо, да бидат општествено одговорни и да ги прилагодат цените во согласност со стандардот на граѓаните“, велат од Државниот пазарен инспекторат.

Мерката за гарантирани цени на сила стапи од 20ти септември. Првично рокот беше до крајот на ланската година, но во последен момент властите се одлучија таа да трае до 29 февруари. Пресметките на властите се дека со гарантираните цени едно домаќинство на месечно ниво заштетува околу 2500 денари.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП