28 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИНето добивката на Краш скокна за 38,9 отсто во 2023 година

Нето добивката на Краш скокна за 38,9 отсто во 2023 година

Неревидираните деловни резултати за 2023 година покажуваат континуиран раст на Групацијата Краш.

Консолидираните вкупни приходи се остварени во износ од 179,89 милиони евра, што е за 23,75 милиони евра, односно за 15,2 отсто повеќе од приходите остварени во истиот период од 2022 година.

Вкупните консолидирани расходи се за 14,2 отсто повисоки од ланските и изнесуваат 171,47 милиони евра. Групацијата Краш на крајот на деловната 2023 година оствари нето добивка во износ од 6,72 милиони евра, што е за 1,88 милиони евра, односно 38,9 отсто повеќе од нето добивката остварена во истиот период од претходната година.

„Објавените неревидирани резултати ја покажуваат стабилноста на бизнисот. Задоволни сме што растот на Групацијата Краш продолжи минатата година, особено затоа што успешно започнавме инвестициски циклус вреден повеќе од 20 милиони евра во тешки времиња. Станува збор за модернизација и автоматизација на производствените капацитети во нашите пет фабрики, од кои во текот на 2023 година се договорени 15,4 милиони евра, што е зголемување во однос на минатата година од 32 отсто. Позитивниот бизнис ни овозможи и да ги подигнеме материјалните права за вработените, па просечната бруто плата лани порасна за 9,6 отсто. За жал, глобалните предизвици станаа правило во последните неколку години, а не исклучок, а оваа година се соочуваме и со едно од најголемите поскапувања на какаото во последните речиси 50 години. Со оглед на тоа што е исклучително важна суровина за целата кондиторска индустрија, внимателно гледаме на оваа година. Нашиот фокус останува на прилагодување на нашите активности во светло на ситуацијата и продолжување со инвестирање во производството со цел да ја задржиме и зајакнеме нашата позиција како еден од најголемите производители на кондиторски производи во Југоисточна Европа“, рече Ален Халамиќ, претседател на Управниот одбор на Kraš d.d.

На домашниот пазар е остварена поголема обемна продажба во однос на претходната година од 3,9 отсто, додека извозот во земјите од регионот пораснал за 5,8 отсто.

Во вкупните приходи, приходите од продажба во износ од 171,66 милиони евра, приходите од останати деловни активности изнесуваат 7,4 милиони евра, а финансиските приходи се 833 илјади евра.

Приходите од продажба на производи и услуги на домашниот пазар изнесуваат 94,3 милиони евра, што е за 12,8 отсто повеќе од лани, а приходите од продажба во странство изнесуваат 75 милиони евра, што е за 13,4 отсто повеќе во однос на лани.

Преку силен фокус на активностите за оптимизација на внатрешните ресурси и рационализација на сите расходни сегменти, постигната е пониска стапка на раст на расходите во однос на приходите и поголема добивка, со што е постигната ЕБИТДА во износ од 17,98 милиони евра, што е повисока за 3,83 милиони евра или 27 ,1 отсто во однос на претходната година. ЕБИТДА маржата е 10 отсто и е за 0,9 процентни поени повисока од минатогодишната ЕБИТДА маржа.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП