5 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИМакпетрол АД Скопје ги објави финансиските резултати за 2023 година

Макпетрол АД Скопје ги објави финансиските резултати за 2023 година

Во текот на 2023 година, „Макпетрол“ АД Скопје оствари вкупен приход во износ од 30,4 милијарди денари, кој е помал од минатогодишниот за 7,2 милијарди денари, односно остварен е пад од 19,15%.

Во структурата на приходите, најголем удел со 98,78% имаат приходите од продажба, од кои 96,25% се остварени преку продажба на домашен пазар, а само 2,53% се остварени преку продажба на странски пазар.

Падот на приходите, споредбено со минатата година, во најголем дел се должи на намалените приходи на големо за 57,8%, а истите учествуваат со 13,26% во приходите од продажба. Главни причини за намалување на приходите на големо се падот на продажбата на природен гас од 37,1%, како и падот на продажбата на млазно гориво од 51,92%.

Во текот на 2023 година, при неповолни економски услови, Друштвото како потврден лидер на малопродажниот пазар го зголеми количествениот промет со нафтени деривати на мало за 6,47%. Во согласност со стратегијата, а со цел задоволување на потребите на потрошувачите кои се секогаш во фокусот, Друштвото го прошири малопродажниот асортиман кој се нуди на бензинските станици, а прометот со истиот се зголеми за 15,13%. Но и покрај зголемувањето на количествениот промет, приходите на мало бележат пад од 5,99% како резултат на намалувањето на цените на нафтените деривати на светските берзи, кои како набавни цени зафаќаат најголем дел од малопродажната цена на дериватите.

Вкупните расходи остварени во 2023 година се во висина од 29,57 милијарди денари што претставува намалување во однос на минатата година за 6,62 милијарди денари или за 18,3%. Падот во најголем дел се должи на намалените расходи за набавна вредност на трговски стоки од 20,65%, поради стабилизацијата на цените на светските берзи како резултат на моменталното надминување на предизвиците од светската енергетска криза, која сѐ уште не сѐ смета за завршена.

Како резултат на остварените приходи и расходи, на крајот на периодот, Друштвото оствари позитивни финансиски резултати искажани преку добивка пред оданочување во износ од 832 милиони денари која е помала за 40,93% од остварената добивка за минатата година кога изнесуваше 1,41 милијарди денари.

Финансискиот извештај можете да го погледнете тука.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП