3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗа што се трошат парите од патарините?!

За што се трошат парите од патарините?!

Еден од главните општествени проблеми на македонските граѓани се патиштата по кои секојдневно поминуваат. Патната инфраструктура е во толку лоша состојба што не може ниту да се спореди со патиштата кои ги имаат соседните држави. Од друга страна, властите, и не само овие, најавуваа дека Мкаедонија ќе се поврзе со европските коридори што поскоро, а за тоа ќе мора да се инвестира во автопатишта за да не бидеме заобиколени како држава. Но, засега од тоа нема ништо иако не само годините туку и децениите забрзано поминуваат, а граѓаните на Македонија мака мачат да возат по патиштата стари и до 60 години.

Кога се вели дека автопатите се во лоша состојба, тогаш може да се замисли по какви локални патишта се вози низ земјава. Интересно е тоа што секоја година се зголемуваат приходите од наплата на патарините, а надлежните велат дека со тие пари се одржуваат патиштата.

Од Јавното претпријатие за државни патишта велат дека се горди со тоа што лани успеале да наплатат рекорди суми од патарините низ Македонија, а без при тоа да ги зголемат цените. Според информациите од јавното претпријатие приходите по овој основ на годишно ниво им се зголемени за 100 отсто.

Официјалните податоци велат дека во 2020 година се наплатени 34 милиони евра, во 2021 приходите се зголемила на ниво од 46 милиони, следната 2022 година тие достигнуваат 53 милиони евра, и 2023 година 62 милиони евра. Овој раст на наплата на средства од патарините за одговорните лица во ЈПДП е одраз на посветеноста на работните задачи на вработените на наплатните станици и новиот начин на електронско плаќање кој им е на располагање на граѓаните.

„Лани имавме 30 милиони евра повеќе од пред четири години. Со тие пари ние успавме да ги рехабилитираме и реконструираме дел од патиштата низ земјава. Истовремено успеавме и да го превземеме одржувањето на автопатите кое беше во надлежност на друго Јавно претпријатие, и ги расчистивме авгтопатиштата, и сега не се во таа состојба во која беа пред 2023 година. Сега продолжуваме со чистење на канали, и ги доведовме во нормална состојба. Во исто време ги рехабилитиравме и коридорот 10 кај Неготино до Демир Капија бидејќи овој патен правец беше во многу лоша состојба, рехабилитиран е и патот Скопје – Тетово“, велат од ЈПДП.

Во однос на регионот, податоците велат дека и натаму имаме најскапи патарини, а реалноста вели дека имаме и најлоши патишта. Според математиката за да се поминат нешто над 450 километри во Македонија треба да се платат 1000 денари за патарини. Во Србија пак, држава со која одамна не можеме да се мериме по изградените или рехабилитираните патишта, таму за 1200 киломери се плаќа во просек околу 35 евра.

Бизнисот не е задоволен на динамиката на реализација на проектите кои се во тек и оние кои ги најави власта.

Од Стопанската комора побараа и одговорност за надлежните што не се почитува ниту еден рок кој е предвиден за реализација на патната инфраструктура. Од комората велат дека добиле информации од општините дека сите 62 локални самоуправи бележат намалување на инвестициите во делот на патната инфраструктура, а тоа не е добро за никого, ниту за бизнисот, ниту за граѓаните, а најмалку за државата.

„Потребен е фокус на изградба на инфраструктурата, да не се одобруваат инвестиции во непродуктивни проекти. Потребна е реализација на капиталните инвестиции, да се понесе одговорност за доцнење и ненавремена реализација на инфраструктурните проекти. Побаравме одговорност за доцнењето на инфраструктурните проекти. Стопанството предолго чека на нивната завршница“, велат од Стопанската Комора.

Бројот на наплатни станици односно патарини дополнително ќе се зголеми кога ќе бидат готови новите четири автопати кои треба да ги гради Бехтел и Енка. Засега по речиси цела година откако владата најави старт на градежните работи, на терен нема ниту градежна механизација ниту пак градежни работници. Засега се вршат проектирањата и останата канцелариска работа. Но, за подготвителни работи државата и префрли на оваа американско-турска фирма 170 милиони евра, а за годинава се предвидени 250 милиони евра.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП