Најновата пресметка на аналитичарите на Deutsche Bank ја покажува застрашувачката моќ на седум американски технолошки компании, колоквијално наречени „Величествените 7“(Magnificent 7). Како што објави CNBC, пазарната вредност на Apple, Amazon, Alphabet, Meta, Microsoft, Nvidia и Tesla е повисока од речиси сите берзи во светот денес. Според нивната анализа, пазарната капитализација на тие седум ја надминува вредноста на сите котирани компании во повеќето земји од Г20. Поголем вкупен профит освен САД имаат само компаниите од кинеската и јапонската берза.
Ако акциите на „Величествените 7“ беа сами на берзата, тој пазар ќе беше втор најголем по капитализација во светот, двојно повреден од јапонската берза.
Само Microsoft и Apple имаат приближна пазарна вредност како сите котирани компании во Франција, Саудиска Арабија и Обединетото Кралство, пресмета Deutsche Bank.
Ваквата концентрација на капитализација кај толку мал број акции загрижи некои набљудувачи кои сметаат дека тоа е значителен ризик за американската и светската берза. Џим Рид, директор за глобално економски истражувања во Deutsche Bank, во анализата навел дека сегашната американска берза е многу блиску до онаа од 2000 и 1929 година во однос на концентрацијата на капитализација во мал број акции.
Во таа банка го анализираа движењето на цените на сите 36 акции кои од средината на 60-тите беа меѓу петте највредни компании во индексот S&P 500.
Од нив, 20 компании се уште се меѓу 50-те највредни компании. Од акциите на „Величествените 7“ во петте највредни компании, од 1997 година Microsoft не е во таа група само четири месеци. Apple е меѓу петте највредни од декември 2009 година, а Alphabet е член од август 2012 година, со исклучок на два месеци кога испадна од Топ 5. Amazon е во групата од јануари 2017 година.
Tesla имаше серија од 13 месеци во првите пет, но моментално е на 10-та позиција, со оглед на падот на цената од 20 отсто од почетокот на оваа година. Од друга страна, Nvidia ја зголеми својата вредност за дополнителни 47 проценти само во 2024 година, а од првата половина на минатата година е во групата на пет највредни компании.
Импресивен принос
Во минатонеделната анализа, компанијата за управување со средства Евелин Партнерс истакна дека акциите на „Magnificent 7“ во текот на 2023 година донесоа импресивни 107 проценти принос. Така, тие значително го надминаа индексот на американските акции MSCI, кој донесе солиден принос од 27 отсто. Даниел Касали, главен инвестициски аналитичар на Evely Partners, смета дека има знаци дека во текот на оваа година, други американски акции освен Magnificent 7 ќе бидат интересни за инвеститорите.
Првата причина е отпорноста на американската економија.
„И покрај зголемените каматни стапки, приходите од продажба и профитот на компаниите се покажаа како отпорни. Ова може да се објасни со подисциплинирана контрола на трошоците од страна на компаниите и високото ниво на заштеди на домаќинствата акумулирани за време на пандемијата. Дополнително, американскиот пазар на труд е во добра состојба со дополнителни три милиони работни места отворени во текот на 2023 година“, посочува Касали.
Друга причина е подобреното ниво на маржи, што покажува дека компаниите го пренеле влијанието на инфлацијата на крајните клиенти.
„Иако платите растеа, тие не се држат во чекор со растот на цените“, вели Касали.