3 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈА„Воведуваат зонско паркирање, а хаварисаните возила не ги пипаат“ – жителите на...

„Воведуваат зонско паркирање, а хаварисаните возила не ги пипаат“ – жителите на Карпош гневни на властите

Станарите од населбите Карпош 1 и 2 се соочуваат со сериозен проблем со недостаток на паркинг места, кој не се очекува да се реши со воведувањето на зонското паркирање следниот месец.

Покрај тоа што ќе мораат да плаќаат за паркирање на своите возила, тие ќе се соочат и со конкуренција од други возачи кои ќе бараат слободно место во овие зони.

Но најголемиот проблем за станарите се хаварисаните возила кои со години „скапуваат“ на паркинзите пред зградите.

Овие возила зафаќаат простор кој би можел да се искористи за паркирање на возила кои се во употреба, а некои од нив се и без регистарски таблички.

„Ние заедно со соседите прашавме во општината што ќе се случува со овие хаварисани возила кои зафаќаат место на паркинзите, но добивме одговор дека тоа не е работа на општината. Тие ни рекоа дека треба да се обратиме до ‘Градски паркинг’, кој е одговорен за зонското паркирање“, вели Драган, жител на Карпош 2.

Од „Градски паркинг“, пак, одговориле дека ќе ги дислоцираат само возилата кои имаат регистарски таблички, а оние без таблички нема да ги креваат.

На прашањето каква гаранција е регистарската табличка кога тоа возило е можно со години да не е регистрирано и воопшто да не е во возна состојба, од „Градски паркинг“ на жителите им одговориле дека тоа треба да го проверат во Министерството за внатрешни работи (МВР).

Станарите се чувствуваат занемарени и разочарани од недејството на надлежните институции, и се плашат дека зонското паркирање ќе им донесе само дополнителни трошоци и главоболки.

Зонско паркирање или зона Д42 најпрво ќе биде воведено во Карпош 1 односно на улицата Орце Николов, како и на улиците кои се наоѓаат во овој дел од Општината.

Притоа, право на паркирање на зона Д42 ќе имаат граѓаните кои гравитираат на една од наведените адреси, по цена од 0 денари за две станарски возила, а поднесувањето на барања за нивно евидентирање во системот ќе се одвива етапно, согласно динамиката на означување на улиците, за што ќе бидат дополнително известени.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП