28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА„Живееме од плата до плата, но и од заем до заем“ –...

„Живееме од плата до плата, но и од заем до заем“ – граѓаните никако да ја „наполнат“ синдикалната кошничка

Минималните трошоци на едно семејство во февруари се зголемени за 313 денари во однос на јануари, покажуваат податоците со кои се пресметува висината на синдикалната потрошувачка кошничка.

Најмногу пари, односно 21.219 денари се потребни за храна, а потоа за режиски трошоци односно плаќање вода, електрична енергија и греење. За облека и обувки се потребни 3.000 денари, за хигиена 1.500 денари, за здравство 1.000 денари, за образование 1.500 денари, за култура и забава 1.500 денари, а за превоз 2.000 денари…

Ова значи дека на семејство каде двајцата родители се со просечни плати од по 25.000 денари, ќе им недостасуваат речиси 7.500 денари за да го преживеат месецот за кој се потребни околу 57.000 денари.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во третото тромесечје на 2023 година, 16,7 отсто од населението живеело под границата на сиромаштија, што е за 0,5 отсто повеќе од претходното тромесечје.

Граѓаните се жалат на скапотијата и велат дека едвај врзуваат крај со крај.

„Секој ден се зголемуваат цените на храната, на горивото, на комуналните услуги. Не можеме да си ги покриеме основните потреби, а камоли да одиме на одмор или да купиме нешто ново. Живееме од плата до плата, а понекогаш и од заем до заем“, вели Марија, домаќинка од Скопје.

И тетовката Соња, која работи како хигиеничарка во основно училиште, вели дека не стасуваат пари и дека често се позајмува од роднини и пријатели.

„Мојата плата е 28.000 денари. Мојот сопруг е пензионер и зема 16.000 денари. Имаме две деца кои учат во средно училиште. Секој месец мораме да платиме за кирија, за сметки, за превоз, за облека… За храна немаме повеќе од 10.000 денари. Не знам како воопшто издржуваме“, вели Соња.

Експертите предупредуваат дека без јасна стратегија и политичка волја, Македонија тешко ќе се избори со растечкиот тренд на сиромаштија.

Тие бараат подобрување на економскиот раст, подигнување на минималната плата, социјална заштита и редистрибуција на приходите.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП