Фотоволтаичната централа за создавање обновлива енергија, eнергетските постројки за користење природен гас како гориво, како и имплементација на стандардот ISO50001 наменет за менаџирање со енергија, се чекорите што ги презеде Бимилк за постигнување целосна енергетска трансформација. Напредокот и примената на активностите за заштита на животната средина во процесот на работа во Бимилк, беа предмет на посетата од учесниците на New Energy Academy на Европската климатска фондација (European Climate Foundation) заедно со Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест, при што беа презентирани инвестициите со кои Бимилк го трансформираше начинот на работа.
„Бимилк направи крупни чекори во енергетската трансформација во изминатиот период. Во период на економска и енергетска неизвесност, влеговме во инвестирање во енергетски системи кои освен што ни го рационализираат работењето и нѐ прават енергетски независни, се одржливи и развојни и повлекуваат долгорочно дејствување во истата насока. Ваквите промени се значајни за иднината на компанијата и се вложување во сигурна оперативност, но многу поголемо е влијанието врз животната средина. Оваа енергетска трансформација значи заштита на градот и животната средина што е од голем јавен интерес, а со тоа и дел од нашата развојна стратегија“, изјави Ѓорѓи Петрушев, генерален директор на Битолска млекара.

