28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВо правната битка за зградата на ССМ, македонските синдикати добија поддршка од...

Во правната битка за зградата на ССМ, македонските синдикати добија поддршка од речиси 200 милиони работници од светот!

Сојузот на синдикати на Македонија доби силна поддршка од Меѓународната Конфедерација синдикати кој застана зад најголемото синдикално здружение во земјава во борбата за работничкиот дом.

Реакциите на македонските синдикалци за одлуката на Врховниот суд се слушна и далеку од земјава. За овој проблем веќе знаат над 190 милиони работници во светот во 169 држави. Лидерот на глобалната работна сила Лук Триангл, испрати до ССМ писмо во кое се наведува неговата загриженост во однос на синдикалните права и притисоците кои во моментов ги имаат синдикатите во Македонија. Од Сојузот на синдикати се благодарни за поддршката и уверуваат дека нема така лесно да се откажат од својот имот за кој тврдат дека ги имаат сите потребни документи со кои ја гарантираат сопственоста на работничкиот дом.

Одлуката на Врховниот суд за конфискацијата на имотот сопственост на синдикатот во корист на државата ќе резултира со мешање во синдикалните работи, а со тоа на работниците ќе им се ускратат нивните правата и придобивките од синдикалното членството и сето тоа ќе предизвика непопратлива штета на целокупното синдикалното движење во Македонија. Ова се клучните поенти во писмото кои пристигна во ССМ од Меѓународната Конфедерација на синдикати, во писмото се нагласува и дека според Комитетот за слобода на здружување на Меѓународната организација на труд, правото на соодветна заштита на имотот на синдикатите е една од оние граѓански слободи коишто се суштински за нормално остварување на правата на синдикатот и се нагласува дека Владата во насока на нејзините превземени обврски согласно Конвенцијата бр. 87 за слободата на здружување и заштитата на правата за организирање од 1948 година и Уставот на МОТ за веднаш да се спречи насилно преземање на имотот на синдикатот, а кое нешто произлегува од одлуката на Врховниот суд на Република Северна Македонија и воедно да се обезбедат преземање на сите неопходни правни процедури, доколку ги има, а се со цел за да се обезбеди и заштити имотот сопственост на синдикатот.

„Во име на Меѓународната конфедерација на синдикати ја изразувам нашата најдлабока загриженост во врска со одлуката на Врховниот суд на Република Северна Македонија за пренос на имотот којшто е сопственост на синдикатот или Сојузот на Синдикати на Македонија на државата односно на Република Северна Македонија донесена во јануари 2024 година. Забележавме и констатиравме дека веќе неколку години се води судски процес во кој Сојузот на Синдикати на Македонија (ССМ) успешно го докажа своето право на сопственост на Зградата на Синдикатот или позната како Работничкиот Дом во Скопје, односно дека неколку судски одлуки ги потврдија сопственичките права на ССМ. Затоа сме вчудоневидени од одлуката на Врховниот суд на Република Северна Македонија. Според нашето мислење, одлуката на Врховниот суд е во целосна спротивност со обврските коишто земјата ги има превземено во однос на слободата на здружување согласно Уставот на МОТ и Конвенцијата бр. 87 на МОТ“, се наведува во писмото.

Меѓународниот синдикат го охрабрува ССМ да започне дијалогот со Владата и тоа во насока на превземени обврски согласно Конвенцијата бр. 87 и Уставот на МОТ за веднаш да се спречи насилно преземање на имотот на синдикатот, а кое нешто произлегува од одлуката на Врховниот суд. Додаваат дека потребно е преземање на сите неопходни правни процедури, доколку ги има, а се со цел да се обезбеди и заштити имотот сопственост на синдикатот.

Сојузот на синдикати на Македонија веќе побара оставки од претседателот на Врховниот суд и од Совтот на судии за ваквата срамна според нив донесена одлука. Од својот имот не се откажуваат бидејќи тој е граден со пари од работниците, а дека зградата е во сопственост на ССМ тврдат дека ги имаат сите потребни документи. Синдикалците велат дека ова не е прв пат разни елити да се обидат да дојдат до имотот на ССМ.

„Од 1992 година правени се разни обиди да се грабне, да се приграби овој објект како Работнички дом во интерес на некои елити. Тоа што го правеа со фабриките што ги градеа работниците сакаат да го направат и со Работничкиот дом и во низа години се правеле разни обиди, се воделе разни постапки со кои се сакало да се одземе имотот, меѓутоа аргументите биле пресилни. Средствата кои сме ги двоеле биле преголеми“, велат од ССМ.

Одлуката на Врховниот суд за конфискација на имотот на ССМ го отвора патот за иста постапка и за други објекти кои сега ги користат здруженија и политички партии.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП