3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОтворете ги очите во маркетите – ви нудат производ гратис, а всушност...

Отворете ги очите во маркетите – ви нудат производ гратис, а всушност ќе го преплатите

Дали сте доволно внимателни кога плаќате на каса во маркет? Колку често проверувате дали цената на производот кој го купувате е иста со таа што е наведена на ценовникот? Ако не го правите тоа, можеби треба да почнете, бидејќи некои трговци свесно манипулираат со цените и ги мамат купувачите.

Една скопјанка, која сакаше да остане анонимна, ни раскажа дека во еден супермаркет во главниот град забележала како се продаваат пелени за бебиња кои чинат 1.200 денари за 70 парчиња, а на ценовникот залепен на сталажата е наведено дека едно парче чини 9 денари.

Но, ако поделите 1.200 денари со 70 парчиња добивате цена од 17 денари за парче. Ова е чиста манипулација, вели таа во разговор за Денар.

„Јас сум мајка на две бебиња и често купувам пелени. Секогаш ги проверувам цените и ги споредувам со други маркети. Кога го видов ова, бев шокирана. Како може да ни прават така? Ова е чиста кражба. Јас го пријавив ова на менаџерот на маркетот, но тој ми рече дека станува збор за грешка и дека ќе ја исправат. Но, кога се вратив по неколку дена, сè уште беше исто”, ни вели нашата соговорничка.

Таа не е единствената која забележала дека некои продавачи манипулираат со цените на производите.

Друга скопјанка, која исто така сакаше да остане анонимна, ни рече дека некои продавачи манипулираат со цените на влажните марамици.

„Едно пакување влажни марамици чини 57 денари, а таму се нуди акција: 2+1 гратис за само 180 денари. Ако ја соберете цената на две пакувања од 57 денари добивате 114 денари, а гратисот излегува дека го плаќате дури 66 денари. Ова е смешно. Како може да ни викаат дека тоа е акција, кога всушност ни земаат повеќе пари? Јас секогаш ги сметам цените и не дозволувам да ме измамат”, ни вели таа.

Надлежните посочуваат дека секој граѓанин кој ќе забележи несогласност помеѓу цената на производот и цената на каса може да го пријави тоа на инспекцијата.

Според Законот за заштита на потрошувачите, трговецот мора да се придржува до истакнатите продажни цени и до условите за продажба.

Обврската е регулирана во неколку членови. Во Член 12, на пример, наведено е дека означувањата што упатуваат на распродажба, односно на намалување на цените, независно од тоа дали намалувањето е изразено во износ или во процент, треба да бидат реални и вистините и изразени на јасен и недвосмислен начин.

Во Член 137 точка 9, пак, се предвидува и глоба во износ од 1.200 евра во денарска противвредност за правното лице, односно на трговецот поединец ако не се придржува на истакнатите продажни цени и услови за продажба.

Казна во износ од 30 отсто од одмерената глоба на правното лице, односно на трговецот поединец ќе му биде изречена и на одговорното лице во правното лице, односно на одговорното лице во трговецот поединец.

Пазарните инспектори во пракса ги гледаат овие неправилности само доколку потрошувачите реагираат. Тие во тој случај прават проверка на извештајот на касата, па ако утрдат неправилност, тогаш изрекуваат казни, но и едукација за тие што го прекршиле законот.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП