27 април, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАХелсиншки комитет: Граѓаните може да ја тужат државата оти им е одземено...

Хелсиншки комитет: Граѓаните може да ја тужат државата оти им е одземено правото на слободно движење поради новите документи

Граѓаните остануваат обесправени поради неорганизираноста на државата навремено да ги исполни обврските преземени со договорот од Преспа и да организира издавање документи со новото уставно име. Ова ги погодува сите граѓани што немаат нови патни исправи, а особено оние чии документи се издавани на стари обрасци во периодот од 2019 до 2022 година, вели Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Од таму потенцираат дека и покрај тоа што на 12 февруари беа изгласани измени на Законот за безбедност во сообраќајот, со што се продолжи важноста на возачките и сообраќајните дозволи, измените на Законот за патните исправи воопшто не беа ставени како точка на дневен ред на Собранието.

Според Хелсиншкиот комитет, сегашната состојба, каде што речиси половина од граѓаните немаат нови патни исправи и нема изглед дека набргу ќе ги добијат, е директна закана за остварувањето на правото на слободно движење.

„Ненаоѓањето законско или друго решение за излез од оваа состојба со невалидноста на патните исправи може да има сериозни финансиски импликации за државата. Имено, повредата на правото на слободно движење настаната со хаосот во обезбедувањето нови патни исправи, што не може да им се стави на одговорност на граѓаните, им дава многу цврста основа да ја тужат државата за повреда на нивните права и да ги добијат тие постапки во нивна корист“, велат од Хелсиншкиот комитет.

„За ова е пример и одлуката У. бр. 189/2012 од 25.6.2014 на Уставниот суд, со која судот укина неколку одредби од тогашниот Закон за патните исправи на граѓаните на Република Македонија. И во тој случај Владата го ограничила основното право на слободно движење повикувајќи се на меѓународни договори. Но, Уставниот суд оценил дека во никој случај оваа причина не може да се смета како основа за ограничување на слободното движење на граѓаните, што би значело повреда на нивните основни човекови права.

Дополнително, државјаните на Република Северна Македонија се погрешно информирани за можностите за патување со патен лист издаден од дипломатските и конзуларните претставништва на државата во странство. Вистината е дека тој документ им важи само еднократно – тие може непречено да дојдат во земјата, но нема да може да ја напуштат државата, односно нема да може да патуваат надвор од државата сè додека не извадат нова патна исправа.

Дополнително, покрај убедувањето на надлежните дека функционира бесплатното телефонско и електронско закажување за почнувањето на постапката за вадење документи – тие се надвор од функција.

Ова е јасен приказ на негрижата на државата за заштита на правата и слободата, истовремено со исполнување на меѓународните спогодби, а чии последици ги сносат самите граѓани. Очекуваме одговорноста да је понесат сите надлежни државни органи и лица на раководни места во тие органи што доведоа до оваа состојба“, се додава во соопштението на Хелсиншкиот комитет за човекови права, од каде што апелираат Министерството за внатрешни работи да ги преземе сите мерки за ефикасно и брзо издавање нови пасоши и на тој начин да престане повредувањето на основното човеково право на слобода на движење.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП