30 април, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАПациентите во „Бардовци“ оставени без храна, обувки, постелнина – вработените молат за...

Пациентите во „Бардовци“ оставени без храна, обувки, постелнина – вработените молат за донации

Дел од вработените во Психијатриската болница „Бардовци“ преку социјалните мрежи ги молат граѓаните да донираат храна, облека и постелнина за пациентите во болницата.

„Работам во Психијатриска болница во Бардовци на одделот за психогеријатрија. Сите знаеме какви се државните фирми. Нашите пациенти се најранлива категорија во нашата болница. Има болни ама дел од нив се и неподвижни или приковани за кревет. Би ве замолила во името на нашиот оддел и нашите пациенти доколку би можеле да ни дадете или да донирате нешто со што би ни ја олесниле нашата работа или животот на нашите пациенти. Би било убаво тоа да се прехранбени продукти (млечни производи, сокови, кафе, шеќер или благо (само помеко сепак се стари, па дел од нив и без заби). Или постелнина, алишта, папучи. Или сè друго што мислите дека би им било од корист.

Однапред ви благодарам па макар и не добиле ништо“, напиша една од вработените, чие име е познато на редакцијата.

Под оваа искрена објава следуваа низа коментари од граѓани – нејчесто од оние кои се згрозени од (не)функционирањето на државниот систем.

Но, позитивно во целата оваа работа е тоа што имаше и многу коментари од граѓани кои веднаш се јавија и покажаа интересираност за донирање.

„Убаво е да се помогне, но срамота е за политичарите до кое дереџе ни ја донесоа државата. Ах, државо златна, што ли уште те чека?!“, гласеше еден од коментарите.

„Жалосни се условите во болницата, греота за душичките коишто се сами таму, напуштени. Секако дека ќе донираме“, гласеше друг коментар.

На прашањето каде и на кој начин може да се изврши донацијата, вработената во болницата одговори:

„На вас оставам. Можете и директно на Одделот да ја однесете донацијата за да бидете сигурни дека работите одат на вистинското место, а може и јас да ги однесам“, напиша таа.

Дека ситуацијата во Психијатриската болница „Бардовци“ е лоша призна и народниот правобранител Насер Зибери, откако во јавноста се појавија снимки од пациенти кои се тепаат меѓусебно.

Омбудсманот нотираше лоши услови за престој, недостаток на организирани активности и неодобрување на терапевтски викенди.

„Материјалните услови во судското одделение во Психијатриска болница ‘Скопје’ не ги задоволуваат стандардите коишто упатуваат на потребата од создавање позитивна терапевстка средина. Потребно е итно преземање мерки за целосно реновираье на објектот со цел подобрување на материјалните услови како за пациентите така и за вработените, во смисла на создавање соодветни работни услови. Болницата нема можност да понуди широк дијапазон на рехабилитативни и терапевтски активности, па во оваа смисла беше констатирано дека само мал дел дел од пациентите се вклучени во работна терапија (шиење, перење) или во креативни работилници“, рече Зибери во јуни минатата година.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП