4 мај, 2024
ПочетнаСВЕТБорел за изјавите на Трамп: НАТО не може да биде „a la...

Борел за изјавите на Трамп: НАТО не може да биде „a la carte“ сојуз

НАТО не може да биде „a la carte“ сојуз, изјави денеска шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, реагирајќи на изјавите на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој рече дека доколку биде реизбран, повеќе нема да ги брани земјите од Алијансата чиј финансиски придонес е недоволен.

„Да бидеме сериозни. НАТО не може да биде a la carte сојуз“, изјави Борел пред новинарите пред министерскиот состанок на ЕУ во Брисел.

„Во времето во кое живееме, воениот сојуз не може да функционира врз основа на расположението на американскиот претседател. „НАТО или постои или не“, рече Борел.

Тој рече дека ќе слушне многу работи за време на изборната кампања во САД и ги повика новинарите да не сметаат на него да ги коментира „сите глупави идеи што ќе бидат кажани за време на националната кампања во САД“.

Трамп во саботата, за време на митингот во американската сојузна држава Јужна Каролина, рече дека доколку биде реизбран за претседател на САД, нема да ги брани членките на НАТО кои не ги исполниле своите финансиски обврски и дека дури ќе ја „охрабри“ Русија да ги нападне.

Трамп, кој е фаворит да биде назначен за републикански претседателски кандидат на американските избори во ноември, често ги критикува членките на НАТО за недоволно финансирање на Алијансата.

Според членот пет од Повелбата на НАТО, членките се обврзуваат да ја бранат секоја нација во блокот што е нападната.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг вчера предупреди за изјавите кои ја „поткопуваат безбедноста“ по зборовите на Доналд Трамп, кој ја спомена можноста повеќе да не ги брани земјите од Алијансата чии финансиски придонеси за организацијата се недоволни.

„Секоја сугестија дека сојузниците нема да се бранат меѓусебно ја поткопува безбедноста на сите нас, вклучително и на САД, и ги става американските и европските војници на зголемен ризик“, рече Столтенберг во изјавата.

Столтенберг додаде дека НАТО е подготвен и способен да ги одбрани сите сојузници и дека е убеден дека „САД ќе останат силен и посветен сојузник во Алијансата без разлика кој ќе победи на претседателските избори“.

На изјавите на Трамп вчера жестоко реагираше и актуелниот претседател на САД, Џо Бајден, кој најверојатно ќе му биде ривал на Трамп на ноемвриските претседателски избори.

„Фактот што Доналд Трамп признава дека има намера да му даде зелено светло на рускиот претседател Владимир Путин за поголема војна и насилство, да продолжи со својот брутален напад врз слободна Украина и да ја прошири својата агресија врз народите на Полска и Балтичките земји се вознемирувачки и опасни“, рече Бајден вчера.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП