16 октомври, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗа една година поскапе се што има во менијата на рестораните!

За една година поскапе се што има во менијата на рестораните!

За една година угостителските услуги се поскапи за над шест отсто. Податоците од најновиот извештај на Државниот завод за статистика покажува дека цените на сите услуги од овој сектор бележат раст. Најмногу се поскапени ноќевањата, потоа безалкохолните пијалаци и алкохолните пијалаци, поскапена е и храната која се служи во угостителските објекти.

Во јануари годинава во споредба со истиот месец ланската година, угостителските услуги се повисоки за 6,3 отсто. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека ноќевањата во македонските сместувачки капацитети бележат најголем раст на цените кога станува збор за угостителски услуги. Имено, за една година ноќевањата во Македонија се поскапени за 7,8 отсто. По висината на растот на цените на производите и услугите во угостителството, следуваат пијалаците, речиси идентичен раст на цената имаат алкохолните и безалкохолните производи чии цени се зголемени за 7 односно 7,2 отсто во однос на ланскиот јануари.

Статистичарите објавија подетални податоци за растот на цените на храната која се служи во угостителските објекти. Генерално растот на цените на храната во угостителството изнесува 5,8 отсто на годишно ниво. Податоците на статистика ја отсликуваат реалната состојба во мениата на рестораните и останатите угостителски објекти. Топлите и ладните предјадења за една година поскапеа за 3,6 отсто. Салатите се поскапи за 9,8 отсто. Огромнен раст на цената имаат варивата кои се поскапи за речеиси 30 отсто на годишно ниво. Готвените јадења се поскапи за речиси 3 отсто, а толкаво зголемување има и печеното месо и јадењата по нарачка. На листата следува лебот чија цена е зголемена за речиси 6 отсто, а потоа десертите кои во угостителските објекти се нудат по цени зголемени за нешто над 5 отсто на годишно ниво.

Што се однесува до податоците на месечно ниво, односно кога би се направила споредба за периодот јануари 2024 година – декември 2023 година, поскапувањето на угостителските цени и услуги е помало во однос на тоа колку е поскапено за една година.

„Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на цените на угостителските услуги во јануари 2024 година, во споредба со декември 2023 година, е зголемен за 0.6%. Споредено по групи на услуги, зголемување е забележано во групите Храна за 0.3%, Алкохолни пијалаци за 1.6%, Безалкохолни пијалаци за 1.7% и Ноќевања за 0.8%.“ стои во извештајот на ДЗС.

Доколку се продолжи анализата со податоците за цела 2023 година споредбено во 2022 година ќе се забележи дека растот на цените лани бил за 9,8 отсто. Во тој период за двојно е поскапена храната во однос на претходно анализираниот период, односно јануари годинава – јануари ланската година. Во 2023 храната во рестораните и останатите угостителски објекти се продавала поскапо за 10, 8 отсто во однос на цела 2022 година. Во тој периот поголем раст имало и на пијалаците, но и на сместувањето и преноќувањето во угостителските објкти.

И.П. 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП