3 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈА„Кому му се брза нека си купи“ – почнаа да се продаваат...

„Кому му се брза нека си купи“ – почнаа да се продаваат „бесплатните“ NMK налепници, еве колку чинат

Министерството за внатрешни работи (МВР) информираше дека лепенките со „НМК“ за промена на регистарските ознаки ќе бидат бесплатни за граѓаните, но сепак, сѐ уште нема информација каде и кога може да се набават овие лепенки кои веќе на 12 февруари годинава ќе се сметаат за задолжителни.

Ваквата ситуација очигледно ја користат печатниците и фотокопирниците кои на социјалните мрежи почнаа масовно да нудат лепенки со потребната големина и резолуција.

„Продаваме НМК стикери. Еден стикер чини 40 денари + достава на домашна адреса која чини 130 денари“, пишува на еден од огласите.

Тоа би значело дека за двете ретистарски таблички ќе ви бидат потребни две налепници од по 40 денари, па вкупно би потрошиле 210 денари.

Ваквиот начин на заработка за услуга којашто е најавена како бесплатна наиде на негодување кај дел од нашите сограѓани.

„Не ви е срам да ми продавате налепници кои наскоро ќе бидат бесплатни затоа што се задолжителни? Дали мислите дека ќе се збогатите со тоа што некому ќе му продадете две налепници за 80 денари? Смешни сте!“, реагираше извесен Милан Н. на Фејсбук.

Инаку, МВР минатата недела соопшти дека од својот буџет ќе одвои пари за нив, за и оваа обврска меѓу другите, да не падне врз грбот на граѓаните.

„Согласно Рамковната спогодба за набавка на регистарски таблици, склучен е договор за нарачка со избраниот економски оператор, за што течат законските рокови за испорака на налепниците. Во однос на цената за налепниците, од страна на Министерството за внатрешни работи изготвен е предлог истите да бидат на товар на Министерството односно да бидат бесплатни за граѓаните“, информираше МВР.

Но, на само една недела пред истекување на крајниот рок за промена на личните документи, налепниците сѐ уште не се стигнати, а ниту дистрибуирани до техничките станици.

Нема да има казни за оние кои нема да успеат навреме да ги променат своите регистарски ознаки, но нема да може ниту да ја напуштат државата.

Никој по 12 февруари нема да може да ја напушти Македонија ниту со стар пасош, ниту со стара лична карта, ниту со возачка на која не пишува „Северна“.

Налепниците ќе се делат во станиците за технички преглед, при регистрација или возачот сам ќе може да ги подигне.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП