3 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАФондот за здравство од понеделник на штрајк

Фондот за здравство од понеделник на штрајк

Сите исплати од Фондот за здравствено осигурување ќе запрат в понеделник поради штрајк на вработените. Тие не се согласни да им се намали платата за 21 отсто, како што препорача Владата.

Управниот одбор неделава се состана, по шести пат месецов, за да донесе одлука за платата, но иако состанокот траеше со саати, одлука не се донесе. Претседателот на Синдикакотот на Фондот, Бранко Аџигогов вели дека нема ниту одлука ниту, пак, повторно се состанува Управниот одбор.

„Нема одлука ниту за намалување на платата, како што препорача Владата ниту пак таа да остане на исто ниво. Цел месец доаѓавме на работа, а не знаеме за каква плата работиме затоа одлучивме штрајкот да стапи во сила. Од понеделник нема да работи ниту една подрачна единица. Ќе се извршуваат само нужни и неопходни работи. Се ближи пресметковен период за плати, но ќе штрајкуваме се додека не се донесе одлука да не се намалуваат платите“, вели претседателот на Синдикатот Аџигогов за „Макфакс“.

Од понеделник шалтерите на Фондот за здравствено осигурување ќе бидат отворени за пријава малолетно лице како член на осигурување, за регулирање на осигурување на хоспитализирано лице и за лекување во странство на итни случаи.

Во сите подрачни единици само по едно лице ќе биде задолжено за прием на документи.

Вработените во Фондот се одлучија да го активираат штрајкот кој пред крајот на минатата година беше ставен во мирување оти Владата на 4 јануари испрати препорака со која платите на сите вработени се намалуваат за 21 отсто. Се пожалија дека по неколку месечни преговори, во декември првпат зеле плата зголемена за 15 отсто, а сега Владата бара платите да им се намалат за 21 отсто.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП