28 април, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАТранспаренси Интернешнал: Македонија напредуваше девет места на листата за борба против корупцијата,...

Транспаренси Интернешнал: Македонија напредуваше девет места на листата за борба против корупцијата, Босна и Херцеговина на дното во регионот

Македонија напредуваше за девет позиции на листата на Транспаренси интернешнал (ТИ) за 2023 година за борба против корупцијата и сега е на 76-то место.

Според Индексот на перцепција на корупцијата за 2023 година, Македонија е на 76 место со 42 индексни поени, за разлика од 2022 година кога беше на 85 место со 40 индексни поени.

Во Извештајот се наведува дека во септември 2023 година, Собранието на Северна Македонија значително го „поткопа“ судството.

Пратениците, се прецизира, во нетранспарентна и брза постапка го измениле Кривичниот законик, со што се намалуваат затворските казни и застареноста на злоупотреба на службената положба.

Ова, според Извештајот, довело до отпуштање на околу 200 случаи на сомневање за корупција, од кои многу биле вклучени поранешни високи функционери.

Од земјите во регионот, Хрватска е најдобра, иако без промени во однос на лани, со 50 индексни поени и е на 57-та позиција, а најлоша, иако со подобрување од еден индексен поен, е Босна и Херцеговина, која е на 108 место.

Црна Гора е на 63. место со 46 индексни поени, со напредок од еден поен. Косово е непроменето со 41 поен на 83. место, а не мрдна ниту Србија, која е на 104. место со 36 индексни поени.

Како и во 2022 година, така и минатата година Данска беше најдобро оценета меѓу 180-те земји во кои е пресметан индексот на перцепција на корупцијата, со непроменет резултат од 90 поени.

Финска беше на второто место со 87 поени, што е еднакво на ланскиот резултат, додека Нов Зеланд ја задржа третата позиција со 85 поени и покрај падот од два поени во однос на 2022 година.

На дното на листата на Транспаренси Интернешнл (ТИ) се најде Сомалија со 11 поени, што е исто како и лани, додека Јужен Судан, Сирија и Венецуела се оценети со два поени повеќе.

Според методологијата на оваа организација, земјите со повеќе од 50 индексни поени од можни 100 имаат задоволително ниво на сузбивање на корупцијата.

Нашата земја со 42 индексни поени не влегува во групата на задоволително ниво на сузбивање на корупцијата.

Просекот во Европската унија е 64 индексни поени.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП