2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА„Ако не можеш да најдеш работници, увези ги“ – еве како македонските...

„Ако не можеш да најдеш работници, увези ги“ – еве како македонските компании крпат крај со крај

Македонската економија се соочува со сериозен проблем: недостиг на квалификувана работна сила. Според проценките, потребни се најмалку 10.000 работници, но поради новите инвестиции, одливот на кадар и пензионирањето, потребите на компаниите се далеку поголеми.

Оваа ситуација предизвикува нервоза и конкуренција меѓу работодавачите, кои се обидуваат да привлечат и задржат вработените со различни стимуланси и бенефиции.

Едно од решенијата што го понуди владата е увозот на работна сила од странство.

Во 2023 година, владата ги зголеми квотите за вработување на странци од 2.000 на 5.000, со намера да ги задоволи барањата на стопанството.

Меѓутоа, ова не е доволно, ниту едноставно решение. Работодавачите се среќаваат со разни пречки и бирократски постапки за да донесат работници од странство, што може да трае и неколку месеци.

Затоа, тие бараат од владата да ги поедностави и забрза процедурите, како и да ги намали трошоците за визи и дозволи за работа.

Владата, од своја страна, вели дека увозот на работна сила не е долгорочно решение, туку привремена мерка. Примарната цел е да се вклучат невработените на пазарот на труд, преку преквалификации, доквалификации и дуално образование.

Според анализите изработени за потребите на бизнис заедницата, во земјите од регионот значително се зголемува бројот на работни дозволи издадени на странци.

Така, во Грција бројот на работни визи на странци надминал 167.000, во Бугарија само лани се издадени скоро 40.000 работни визи, во Србија 35.000, а во Албанија се издадени скоро 20.000 работни визи на странци.

Во Европа повеќето земји и посебно Германија ги олеснија процедурите за вработување на странци.

Европските држави (Грција и Бугарија) интегрираат годишно и по 45.000 работници од странство, пред сè во секторите кои се трудо-интензивни.

До ноември годинава Агенцијата за вработување издала повеќе од 4.500 работни дозволи за странци и тоа за турски, косовски, албански, индиски, но и руски и украински работници.

Овие дозволи се издадени за градежни работници, тесари, електричари, армирачи, но и за управители, менаџери и фудбалери.

Владата неодамна ја зголемила квотата за работни дозволи на странци од 5.000 на 7.000.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП