27 април, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАШпански компромис за Словенија, словенечка блокада за Хрватска – со какви препреки...

Шпански компромис за Словенија, словенечка блокада за Хрватска – со какви препреки се соочуваат земјите на патот до ЕУ

Македонија не е единствената држава која се соочила со проблеми на својот евроинтегративен пат. Иако со години сме земја-кандидат, сепак во европски очи блокади на земји аспиранти од страна на земји-членки не е нешто непознато.

Франција два пати стави вето на Обединетото Кралство!

Апликациите на Обединето Кралство за приклучување во 1963 и повторно во 1967 година беа блокирани од Франција, конкретно од францускиот претседател Шарл Де Гол, кој имал лични, но и економски причини. Тој стравувал дека влезот на Обединетото Кралство може негативно да влијае врз француската економија и земјоделство. На крајот, сепак Велика Британија стана членка во 1975 година, и тоа откако Де Гол си замина од функцијата, а расположението во двете држави значително се промени.

Словенија имаше „Шпански компромис“

Македонија не е единствената земја која на евроинтегративниот пат добила некаков предлог или компромис од земјите кои претседаваат со Унијата, како начин за деблокада на интеграциите. Ние не сме ниту првата земја која морала да го промени својот устав за таа цел, обврска што Македонија ја презеде по добивањето на т.н. француски предлог за надминување на бугарското вето за почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ. Предлогот кој дојде во рамки на француското претседавање со ЕУ, предвидува промена и запишување на Бугарите во Уставот на Македонија.

Со блокада на нејзиниот пат кон ЕУ и со обврска да го промени уставот се соочуваше и Словенија во текот на нејзините евроинтеграции условена од Италија.

Несогласувањата меѓу двете земји беа главно насочени околу прашањето за враќање на имотот на италијанските бегалци од Југославија по Втората светска војна. Италија побара од Словенија и да го промени својот устав со кој се оневозможуваше странските државјани да се стекнат со недвижен имот во Словенија. Благодарение на „Шпанскиот компромис“ Словенија вети дека ќе ги либерализира своите прописи за пазарот на недвижнини, дозволувајќи им на италијанските и другите граѓани на ЕУ да купуваат имот во земјата. Ова резултираше со деблокирање на евроинтегративниот процес и конечно членство во 2004 година.

Хрватска беше блокирана од Словенија

Словенија, пак, од друга страна ја блокираше Хрватска. Влезот на последната земја која стана членка на ЕУ во 2013 година, беше отежнат поради барањето на официјална Љубљана двете страни да ги решат граничните прашања пред влезот на Хрватска во Унијата.

Хрватското јавно мислење генерално го поддржуваше влезот во Унијата, но блокадата слично како и кај нас, го подигна евроскептицизмот. Хрватска беше блокирана од декември 2008 до октомври 2009 година, кога властите во двете земји постигнаа договор спорните територијални прашања да ги стават пред судот за арбитража на Обединетите Нации. Денеска, двете земји се во Шенген, граници меѓу нив повеќе не постојат, а прашањето повеќе не е во фокусот на јавноста. Но, не беше само Словенија, ЕУ, од властите во Загреб бараше реформи во судството и во делот на владеење на правото, соработка со Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија и испорака на лица кои се осомничени за воени злосторства. Дополнително, како и Словенија, така и Хрватска во 2006 година постигна договор со кој им се дозволува на италијанските граѓани да купат земјиште во Хрватска, а хрватските во Италија.

Патот до полноправно членство можеби изгледа предизвикувачки за многумина, но крајниот резултат е важен. Покрај економските придобивки, пристапувањето носи со себе и зголемена политичка стабилност, безбедност и чувство на припадност кон заедница заснована на заеднички вредности.

Македонија не само што може да ги надмине актуелните предизвици туку и да излезе посилна и пообединета. Европскиот сон е на дофат.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП