3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВладата подготвува закон со кој работниците ќе може да добиваат плата во...

Владата подготвува закон со кој работниците ќе може да добиваат плата во плик!

Владата подготвува Предлог Закон за работно ангажирање на лица за вршење работи од привремена и повремена природа за одредени дејности во поедноставена постапка. Вака гласи законот кој е предложен од страна на Министерството за труд и социјална политика, а за кој синдикалците според информациите на Денар имаат големи забелешки.

Земјоделски дејности, градежен сектор, услужни дејности поврзани со подготовка на храна и сместувачки капацитети се дел од професиите кои ќе бидат опфатени со овој закон. ССМ веќе подготвува реакција бидејќи според информациите тие не се согласуваат со дел од правилата кои ќе важат со овој предлог.

Во Предлог законот до кој дојде Денар се наведува дека со ова решение ќе се уредуваат начинот на работното ангажирање на лица за вршење на работи од повремена природа за одредени дејности во поедноставена постапка, потоа ќе се уредуваат правата и обверските на ангажираното лице и работодавачот начинот и постапката на пријавување и плаќањето на придонесите и даноците.

Според предлагачот, односно Министерството за труд и социјална политика, целта на овој закон е да се уреди работното ангажирање на лица за вршење на работи од привремена и повремена природа за одредени дејности. Предлог Законот предвидува одредени дејности за кои ќе важи ова решение, односно тие се дел од Националната класификација на дејности како земјоделаство, шумарство и рибарство, објекти за сместување, и сервисни дејности за храна, дејности на домаќинство, а опфанет со ова предлог решение е и градежниот сектор.

„Работно ангажирано лице согласно овој закон може да биде леце кое не е во работен однос, вработено лице, самовработено лице, лица помлади од 18 години кои согласно Законот за работни односи ги исполнуваат условите за засновање на работен однос, студент, корисник на семејна и старосна пензија, странец кој има регулиран престој. Со овој закон се забранува работно ангажирање на лица помали од 15 години“, стои во Предлог Законот.

Правата и обврските на ангажираното лице се наведени во членот 12 од законот, кој предвидува работникот да биде запознаен со условите за работа, и со можните ризици поврзани со видот на работата, да го почитува работното време, да ги почитува прописите за безбедност при работа, да го извести работодавачот најмалку 12 часа пред почетокот на работното ангажирање дека не го откажува или прекинува работниот ангажман. Од друга страна пак обврските на работоидавачот се дел од следниот член на предлогот, односно на тринаесетиот во кој се наведува дека газдата треба да го запознае работникот со условите за работа, за можните ризици, да му исплати паричен надоместок за извршената работа, да го оспособи лицето за безбедно вршење на работните задачи, да го информира 12 часа најмалку пред прекин на работното ангажирање.

Според предлогот се предвидува работникот да добива паричен надоместок за извршени ангажмани за секој час, а тој не смее да биде понизок од минималникот нето износ. Работодавачот е должен и да уплати данок на личен доход, продонес за пензиско и инвалидско осигурување и дополнителен придонес за здравствено осигурување.

„Паричниот надоместок може да се исплати на работно ангажирано лице на крајот на работниот ден или најдоцна во рок од пет дена по истекот на работниот ангажман. Паричниот надоместок може да се исплати на трансакциска сметка на работно ангажираното лице или во готово со потврда издадена од страна на работодавачот, а потпишана од двете страни“, се наведува во предлогот.

Законот предвидува и мерки за спречување злоупотреби врз работниците кои ќе бидат ангажирани. Имено, работодавачот може да ангажира лица најмногу 180 дена во текот на една година. Можат да бидат на овој начин ангажирани најмногу 10 лица или 10 отсто од вкупниот број на вработени во компанија. Работодавач не смее да ангажира лице кое било во работен однос кај истиот работодавач во период од три месеци пред ангажирање на истото лице.

Информациите до кои дојде Денар се дека ССМ веќе подготвува реакција бидејќи не се согласува со овој нов закон со образложение дека тој се коси со Законот за работни односи.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП