5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПолека се топи цената на становите, за изградба предвидени нови 655 станови!

Полека се топи цената на становите, за изградба предвидени нови 655 станови!

Континуиранотиот раст на цената на недвижностите полека се стабилизира. Но, повторно е забележан нов раст на цената на станбениот простор. Граѓаните не жалат пари кога станува збор за стан или канцеларија на добра локација. Ваквиот тренд продолжува и во новата година, побарувачката е се поголема, а од месец во месец се зголемува и понудата на новоизградени објекти.

Во меѓувреме Државниот завод за статистика регистрира намален број на издадени дозволи за градба, но истите имаат зголемена вредност во однос на истиот период од претходната година. Податоците велат дека ќе се градат нови 655 станови на вкупна површина од 55 илјади метри квадратни. Во однос на цената на становите, и натаму скопските општини Центар, Карпош и Аеродром се водечки каде метар квадратен веќе надминува две илјади евра.

Градежниците во Македонија добија намален број на одобренија за градба. Во ноември лани издадени се 318 дозволи за градење, но тоа претставува 10 отсто помалку во однос на истиот месец од 2022 година. Официјалните податоци велат дека вредноста која се предвидува да достигнат тие новоградби ќе изнесува 11 726 317 илјади денари, што претставува зголемување од 31 отсто повеќе во однос на анализираниот период.

„Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 171 (53.8 %) е наменето за објекти од високоградба, 70 (22.0 %) за објекти од нискоградба и 77 (24.2 %) за објекти за реконструкција. Од вкупно 318 објекти, на 182 (57.2 %) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 136 (42.8 %) објекти инвеститори се деловни субјекти. Во извештајниот период е предвидена изградба на 655 станови, со вкупна корисна површина од 55 047 м2 .“ стои во извештајот ДЗС.

Народната банка пак објави дека во Скопје има раст на цената на становите за седум отсто во последното тромесечие од ланската година, во однос на четвртиот квартал од 2022 година. Сепак, информациите велат дека растот на цените на становите бележи драстично намалување. Тоа го потврдуваат информациите кои велат дека првиот квартал лани становите беа поскапени за речиси 19 отсто, три месеци подоцна растот на становите изнесуваше 13 отсто на годишно ниво, за во третиот квартал лани зголемувањето на цената на становите да продолжи да се намалува и да изнесува раст од 11 отсто. Затоа претставниците на гредежниот сектор сметаат дека ваквиот раст на цената на становите од седум отсто најавува стагнација на зголемување на станбениот простор во главниот град.

„Цените на градежните материјали се сега на едно стабилно ниво. Тоа значи дека градежниот сектор сега нема проблеми на тоа поле. Најголемиот предизвик и натаму е работната сила. Недостатокот на работници создава зголемување вештачко на платите, што во периодот што следи ќе претставува вистински проблем на градежните компании. Но, мислиме дека цената на становите оваа година нема да расте“, велат од Градежната комора.

Оние кои најмногу профитираа во последниве две години, се граѓаните кои продаваа стари станови. Половично реновиран стан кој е изграден и пред 30 до 40 години се уште се продава по цена речиси како да е новоградба.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП