5 мај, 2024
ПочетнаАВТОБИЗЕве ја новата „Lancia Ypsilon“ без камуфлажа (ФОТО)

Еве ја новата „Lancia Ypsilon“ без камуфлажа (ФОТО)

Премиерата на новата „Lancia Ypsilon“ е закажана за 14-ти февруари, а подготовките се во полн ек. Вклучува и снимање на промотивно видео, кое наскоро треба да се појави на каналите на брендот или на телевизија.

Снимањето се одвива во Ломбардија и, спротивно на она на што сме навикнати, „Stellantis“, кој е сопственик на „Lancia“, не сака да го чува автомобилот во тајност.

Социјалните мрежи буквално беа преплавени со фотографии и видеа од новиот „Ypsilon“ снимени на улиците на Милано. На нив автомобилот е без никаква камуфлажа, а очигледно „Lancia“ намерно сака да им го покаже барем на Италијанците и да ги натера да зборуваат што повеќе за тоа. И на тој начин да се означи почетокот на новата ера за бренд специјален за Италија, кој само пред неколку години изгледаше осуден да исчезне.

Од самите фотографии јасно се гледа дека новиот „Ypsilon“ добива некои детали од претходно прикажаниот концептен модел „Pu+Ra HPE“. Компактниот хечбек долг 4 метри има тркалезни фарови инспирирани од оние на „Lancia Stratos“ и амблем „LANCIA“ пренесен од класичното позиционирање на задната врата на страничниот столб, каде што е видлива и „потоната“ рачка за отворање на задните врати.

Напред има нова решетка со LED ленти, додека внатрешноста е во стилот на другите модели од оваа класа од групацијата „Stellantis“ – како што се „Opel Corsa“ или „Peugeot 208“, со кои „Ypsilon“ ја дели „CMP“ платформата и основната механика.

Сѐ уште постои знак прашалник околу погонската група, но електричната верзија се очекува да добие синхрон мотор со постојан магнет од 150 ks. Погонот е до предните тркала, а батеријата ќе има капацитет од 50 kWh. Ендотермната верзија ќе биде „мек“ хибрид со 136 ks и стартер-генератор поврзан со рачен или автоматски менувач со двојна спојка.

Според последните информации, спортска верзија (HF) треба да пристигне во 2025 година во електрична верзија со моќност од 240 ks, обезбедувајќи забрзување од 0 до 100 km/h за 5,8 секунди.

Исто така, познато е дека новиот „Ypsilon“ треба да добие неколку иновации, а особено со новиот систем за инфозабава наречен „S.A.L.A“, кој ветува, според производителот во последните месеци, напредни гласовни команди. Тие ќе можат да ги контролираат аудио, климатизацијата, внатрешното осветлување и системот за навигација.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП