И натаму се помалку граѓани го користат кешот при купување. Податоците на Народната банка покажуваат дека постои раст на безготовинските платежни трансакции со платежни картички и електронски иницираните кредитни трансфери во земјата. Последните објавени податоци се однесуваат за периодот од третиот квартал од 2023 година. Според извештајот на Народната банка во анализираниот период забележан е нагорен тренд во употребата на дигиталните канали за извршување на плаќањата во земјата, особено од граѓаните, како на платежните картички, така и на мобилните апликации за електронско иницирање на кредитните трансфери, т.н. платни налози.
Информациите од Централната банка велат дека годишниот раст на употребата на платежните картички издадени во земјата за готовински трансакции и за плаќање производи и услуги во земјата од страна на граѓаните во третиот квартал од оваа година, во споредба со истиот период минатата година, изнесува 12,8% кај бројот и 10,0% кај вредноста на овие трансакции. Притоа, значителен годишен раст од 15,1% е забележан кај употребата на картичките за плаќање производи и услуги во земјата, којшто пред сѐ се должи на посилниот раст на плаќањата на физичките места на продажба од 15,9%, но и солиден раст од 9,0% на плаќањата на виртуелните или интернет продажни места.

