2 мај, 2024
ПочетнаСВЕТГерманија е пред колапс, штрајкуваат и машиновозачите на Дојче бан

Германија е пред колапс, штрајкуваат и машиновозачите на Дојче бан

По турбулентниот понеделник и релативно мирниот вторник, земјоделците во Германија и денеска продолжуваат со протестите. Вчера вечерта штрајкуваа и машиновозачите на Германските железници (ДБ).

Германските медиуми пишуваат дека денеска на земјата и се заканува „целосна парализа“ на сообраќајот. На милиони жители им е тешко да одат на работа. „Вчера имавме помирен ден, денес продолжуваме“, изјави претседателот на Здружението на германски фармери, Јоаким Руквид, пренесува Феникс Магазин.

Земјоделците не се задоволни од тоа што германската влада делумно го укина зголемувањето на даноците на сите земјоделски возила, па во понеделникот почнаа т.н. акциона недела на земјоделците, односно протест кој ќе трае една недела. Планираат со трактори да блокираат бројни важни патишта во Германија.

Германскиот канцелар Олаф Шолц во понеделникот јасно стави до знаење дека субвенциите ќе продолжат да се намалуваат и покрај протестите на земјоделците.

Да потсетиме, проблемот настана кога германскиот Уставен суд претходно и забрани на коалициската сојузна влада нови долгови во буџетот за 2024 година, оставајќи ја државната каса со дефицит од 17 милијарди евра. Постигнат е договор за новиот буџет и се укинаа разни субвенции. Што се однесува до земјоделците, се укинаа субвенциите за аграрниот дизел, а воведена е такса за сите земјоделски возила, исто како и за транспортните возила.

Владата пред првиот ден од протестите се откажа од даноците на земјоделската механизација и вети постепено враќање на субвенциите за дизелот, но земјоделците не се задоволни од ова. „Она што е премногу е премногу. Сè мора да се врати како што беше“, рече Јоаким Руквид, претседател на Здружението на германски фармери.

Вчера вечерта штрајкуваа и машиновозачите на Германските железници (Дојче Бан, ДБ). Штрајкот треба да трае до петок, а синдикатот на машиновозачите на Германските железници (GdL) сака со тридневен штрајк да го принуди работодавачот на отстапки во актуелните преговори за колективниот договор.

Судот за труд во Франкфурт ја отфрли привремената забрана против штрајкот на GdL. Обидот на железницата да преземе правни мерки за да го запре штрајкот исто така не успеа во втор степен во државниот суд за труд во Хесен во вторникот вечерта.

ДБ бара од патниците да избегнуваат несуштински патувања со воз за време на штрајкот или да ги одложат своите патувања. Ќе има големи разлики низ Германија во тоа колку возови можат да сообраќаат во регионалниот сообраќај. Ќе има и огромни ограничувања на индустријата и економијата во железничкиот товарен транспорт“, се вели во соопштението на ДБ.

Протестот на земјоделците и штрајкот на машиновозачите навреме се преклопуваат, но немаат врска со содржината. GdL се фокусира на барањата за плати за околу 10.000 вработени во Германските железници.

Имено, GdL од ноември минатата година преговара со ДБ за зголемување на платите за најмалку 500 евра и намалување на работното време. Она што е спорно за ДБ, пред се, е скратувањето на работната недела на 35 часа со целосна исплата на плата. Неодамнешната понуда на ДБ за флексибилно работно време беше отфрлена како „несериозна“ од GdL.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП